Заев очекува добра вест од НАТО,Столтенберг бара да се најде заедничко решение за името

,, Сакам да изразам благодарност за поддршката која ја добиваме од НАТО, вклучително  и од локалната канцеларија на НАТО во Скопје. Во духот на идната блиска соработка упатив покана и до генералниот секретар да ја посети Македонија.

Го поздравуваме членството на Црна Гора во НАТО, тоа е големо охрабрување за нас.  Се надеваме дека за брзо време ние ќе бидеме следната добра вест што ќе дојде од НАТО.

Многу е важно регионот на Западен Балкан да биде безбеден и стабилен. Добри односи со соседите се од исклучителна важност. Посветени сме да ја подобриме соработката со нашите соседи и да оствариме посилна регионална соработка.

Република Македонија е докажан партнер на НАТО. Даваме придонес во мисиите на ЕУ и НАТО од 2002 година. Во ИСАФ бевме четврта земја пер капита со нашиот придонес. И во иднина ќе бидеме на заедничка страна со НАТО. Насилниот екстремизам и радикализам се заеднички предизивици.  Ќе ги превземаме сите мерки за да ги надминеме.

Би можеле да дадеме уште поголема поддршка ако сме членки на НАТО. Во Република Македонија постои силна политичка поддршка од сите партии и етнички групи, како и силна поддршка од јавноста за членство во НАТО. Воедно, ние сме посветени на зајакнување на воените и безбедносните капацитети, за да ги постигнеме стандардите на НАТО.

Но, се што сме направиле не е доволно за полноправно членство. Соочени сме со дополнителна и посебна пречка. Иако тоа не е фер, ние сме посветени на подобрување на односите со соседите, зајакнување на дијалогот и на мерките за градење доверба.

Посакуваме членството во НАТО да биде и за нас реалност во догледно време. Посветени сме и на домашни реформи кои се усогласени со ЕУ. Посветени сме да ја подобриме демократијата и да ја зајакнеме социјална кохезија меѓу сите граѓани. Отворени сме за соработка за сите кои сакаат да придонесат кон нашата заедничка иднина – а тоа е Република Македонија како демократска држава да биде дел од Евро-Атлантското семејство“-рече Премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со Генералниот секретар на НАТО.

 

Одговор на новинарско прашање

,,Ќе се обидеме на сите можни начини да ја придвижиме Македонија кон нејзиното полноправно членство во НАТО. Јас очекувам поддршка од граѓаните во Грција преку власта и преку опозицијата, во поглед на решавање на овој проблем. Постојат овде алтернативи, ние се надеваме дека и со привремената референца можеме да станеме членка на НАТО,  а притоа продолжуваат разговорите на Република Македонија со Грција за нашиот интегративен процес во ЕУ. Или како што покажа до сега и искуството од Црна Гора, барем со привремената референца да добиеме покана од НАТО во согласност со договорите со Грција, а додека тече ратификацијата во сите 29 членки на НАТО, секако добиваме некои 2 години дополнително да изнајдеме решение. Сите можни алтернативи за нас се на располагање, секако, зависи и тоа многу од нашиот јужен сосед. Но, ние ќе бидеме само причина повеќе за да се изнајдат позитивни решенија за стабилност на регионот, а секако тоа е највозможно ако меѓу другото и Македонија стане полноправна членка на НАТО Алијансата“-рече Заев.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со премиерот Зоран Заев во Брисел изјави дека по влезот на Црна Гора во Aлијансата јасно е дека вратата останува отворена за сите земји. Тој порача дека го поддржуваат патот на евроатланската интеграција на Македонија и ја истакна важноста од спроведување на реформите.

Столтенберг истакна дека НАТО останува на истата позиција дека е потребно заедничко прифатливо решение за спорот со името и дека ја поздравува јасната порака од македонската влада дека ќе го интензивира дијалогот со Грција и ќе најде решение за спорот, како и јасната порака за реформите. На прашањето дали Македонија може да влезе под привремената референца, Столтенберг истакна дека тоа зависи од Македонија и Грција.

„Не е експлицитно кажано за какво решение. Тоа мора да биде заедничко прифатливо решение од двете земји и тогаш може да се придвижиме напред. Не е до мене да специфицирам какво решение, битно тоа да е прифатливо“, рече тој.