Заев побара гласови за Георгиевски и Ганиу во Гази Баба и во Чаир(видео)

Здружени сме сите и од урбаното и од руралното јадро, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми, и Бошњаци, и Срби, и други, за живот да донесеме. Целата коалиција е тука, сите градоначалници се тука, од сите општини, знаеме, само заедно можеме да испорачаме резултати во општините и во Град Скопје. Скопје е единствено, сакаме рамномерно да се развива, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во село Јурумлери, општина Гази Баба, на завршниот митинг на СДСМ и коалицијата.

Заев додаде дека сите граѓани се еднакви, затоа што сите плаќаат давачки и сите заслужуваат живот.

 

Чаир е пример на мултиетничност, Висар е лицето на едно општество за сите. Овој концепт го градиме мудро и посветено, го препозна цела Македонија, мора да го препознае и знам дека го препознава и општина Чаир. Да не дозволиме повеќе национализми, победата ќе блеска како што му личи на Чаир, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево во скопската општина Чаир.

Заев рече дека “Чаир преку програмата на Висар Ганиу има можност да се развива во урбана општина и гордост на сите”.

-Зарем има повредно од инвестирање на парите на граѓаните во вистинските потреби. Дел од Чаир нема вода, дел нема канализација. Висар има амбициозна програма, решавањето на сообраќајниот режим, капиталните проекти, градинки, училишта, тоа е иднината.

-Само ни требаат чесни политичари кои ќе ги слушаат граѓаните. Знам дека имаме чесен човек. Го подготвивме новиот Буџет, веќе ги вградивме парите за Чаир и за Град Скопје, рече Заев.

-Нашата опција е Висар Ганиу кој ќе биде градоначалник на сите граѓани и заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ќе донесе живот за сите во Чаир и во Скопје. Во недела да заокружиме број 3 и да прославиме живот за сите, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на митингот во скопската општина Чаир.