Заев: СДСМ е фаворит на претстојните локални избори

Попладнево се одржа седница на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, во проширен состав.

Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, во обраќањето пред членовите на ЦО потврди дека партијата е целосно подготвена за убедлива победа на претстојните локални избори.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е фаворит на локалните избори. Граѓаните ги препознаа новите политики, новите вредности, кои носат повисок животен стандард, повеќе пари кај граѓаните, професионални и независни институции. Со победата на СДСМ на локалните избори, почнатиот процес на реформи ќе продолжи и на локално ниво. Општините ќе работат за граѓаните. Решавањето на нивните проблеми на локално ниво ќе станат реалност. Македонија ќе оди напред како едно општество за сите„ потенцираше Заев.

Членовите на Централниот одбор и претседателите на Општинските организации на партијата дискутираа за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на спроведување реформи во државата во интерес на граѓаните и донесоа неколку одлуки во пресрет на локалните избори.

 

На денешната седница Централниот одбор ја потврди позицијата дека СДСМ останува отворена за можен коалиционен настапна локалните избори со други политички партии врз основа на принципи и вредности коишто ги штитат граѓанските и државните интереси. Со оваа одлука на Централниот одбор се отвора простор за политички разговори, врз принципиелни основи, за можна соработка на СДСМ со други партии на локалните избори.