Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на највисоките институции во Брисел, денеска оствари средба со Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани.

На средбата, која се оствари веднаш по Молитвениот појадок во Европскиот Парламент, присуствуваа и членовите на владината делегација, Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Премиерот Заев упати благодарност за средбата и го искажа задоволството од континуирана поддршка за Република Македонија и за политиката за проширување што ја застапува мнозинството во Европскиот парламент, што постојано се демонстрира преку различни извештаи, изјави и активности од страна на европарламентарците и политичките групи.

„Европскиот парламент беше првата институција на ЕУ која дејствуваше и понуди услуги за медијација кога во Македонија настапи политичката криза, и продолжува да биде еден од најсигурните партнери на Владата на Република Македонија, во интерес на земјата“, рече премиерот Заев, додавајќи дека во таа насока очекува да биде дочекана и најновата иницијатива на еден од европските пратеници, т.н. иницијатива Жан Моне.

Претседателот на Владата на Република Македонија го запозна Претседателот Тајани со главната цел на владата што ја предводи: Да се направи сè 2018 година да биде година на успех за Македонија, со донесување одлука за започнување на преговорите за пристап.

„Нашиот пристап во политиката, и во домашната, и во меѓународната политика, делува без скриени агенди и искрено ги решава сите прашања, без разлика колку се тие лесни или тешки. Драго ни е што нашата амбиција и подготвеност за вистински чекори во процесот на пристапување во ЕУ се совпаѓаат со обновениот импулс и интерес за проширување во ЕУ“, истакна премиерот Заев на средбата со Претседателот на Европскиот Парламент Тајани.

На средбата во Европскиот Парламент, премиерот Заев нагласи дека „сега е време да се искористат овие напори и во првата половина на 2018 година, Советот на ЕУ да усвои одлука за почеток на пристапните преговори, за која се очекува да пристигне од страна на Европската Комисија“.