Згаснуваат ,,Утрински весник“ и ,,Теа Модерна“?

На 3-ти мај ќе излезе последниот број на магазинот ,,Теа Модерна“, во сабота излегува последниот број на дневниот весник ,,Утрински весник„, ова се само некои од постовите на ФБ на новинари кои работат во овие изданија на МПМ.

,,После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота, ќе згасне УТРИНСКИ ВЕСНИК.
Треба да се запамети името на оној кој ќе го погребе весникот!“-пишува на својот ФБ профил новинарот Љубиша Станковиќ, кој воедно во име на синдикатот ги води и преговорите за иднината на весникот и работните места на новинарите.

Срѓан Керим, директорот на Медиа Принт Македонија (МПМ) пред неколку дена за БИРН не сакаше ниту да потврди ниту пак негираше дека фирмата „Графички Центар“, сопственикот на МПМ, ќе оди во стечај, со што без работа би останале над 250 вработени од весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.

„Ве молам, на состанок сум, ова не е за по телефон. Не можам да ви кажам дали фирмата ќе оди во стечај“, кратко ни одговори Керим.

Во февруари годинава, пак, дотогашниот директор на Медиа принт Македонија (МПМ), Александар Динев, отвори нова фирма со речиси идентичен назив – Медиа Принт ДООЕЛ.

Новата фирма, која се наоѓа на домашната адреса на Динев, распишала оглас за 55 вработувања на новинари, 12 вработувања за уредници и 6 за главни уредници. Огласот трае само четири дена, до понеделник, а неофицијално, на вработените во МПМ им било кажано да аплицираат и дел од нив веќе ги подготвуваат нивните биографии за да ги испратат на огласот-пишува БИРН.

 

Фото:архива-Камчев и Керим стојат пред една од специјализираните продавници за МПМ изданија