Згаснува првиот приватен дневен весник ,,Дневник“

На 100 медиумски работници во ,,Дневник“, кој е прв приватен дневен весник во Македонија, денеска им било соопштено дека од утре овој весник нема да излегува, а тие остануваат без работа. Од најтиражен, до пропагандистичко гласило на ВМРО ДПМНЕ, Дневник ја доживеа судбината на Вест, Утрински весник, Теа модерна, но и на Телеграф, кој исто така се затвора.

Со ова, дефинитивно, издавачката, некогашна, империја МПМ , успеа да ги уништи сите пишани медиуми кои беа пид нејзина капа, а неколку стотици вработени да остави без работа.

МПМ, чиј сопственик е Срѓан Керим, оди во ликвидација.

,,Дневник“ е првиот приватен дневен весник во Република Македонија, а неговиот прв број излезе на 20 март 1996 година. Во клучните години по осамостојувањето на државата, „Дневник“ уживаше висока доверба кај читателите. Угледот и влијанието на весникот драматично паднаа во изминатите неколку години, поради нарушени професионалните стандарди во корист на владејачката ВМРО ДПМНЕ, се до неоадамна. Уредништвото и по заминувањето во опозиција на оваа партија, продолжи да ги брани нејзините интереси, често пишувајќи тенденциозни, необјективни и клеветнички текстови.