Здружението ,,Бадникови поворки“ тврди дека Змијанац неправедно ги обвинил за злоупотреба на деца

Здружението за возобновување на православни традиции “Бадникови поворки”, реагира  на изјавата на  Драги Змијанац , извршен директор на  Првата детска амбасада “Меѓаши”.

Во реакцијата се вели:

,,Во врска со Вашата изјава дека со Бадниковите поворки одржани на 06.01.2018 г. е направена “политичка злоупотреба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт”, ви го должиме следниот одговор:

1. Организирањето на манифестацијата “Бадникови поворки” е чисто граѓанска иницијатива во која не се инволвирани ниту институциите на државата, ниту црквата.

2. Зад целосната организација на настанот стои Здружението на граѓани “Бадникови поворки”, кое со овој настан возобновува древна православна традиција на прослава на Бадник и Божик со пеење божикни песни, а возобнувањето на ваквата традиција не започнува оваа година, туку трае веќе неколку години наназад.

3. За секое вклучено дете во настанот, Здружението поседува Изјава за согласност од родител, со што сите ваши сомнежи за било каква злоупотреба се неосновани.

4. Во последниот месец од подготовките за големиот народен настан лично ние, членовите на Здружението, упативме писма до Градоначалниците во кои ги замолуваме на ден 06.01.2018 како Татковци на општината, да ги отворат вратите за коледарчињата од својата општина кои ќе учествуваат во создавањето на најголемата коледарска дружина во православниот свет. Тоа што тие одговорија позитивно на нашата желба да ги посетиме, можеме да го оцениме само и единствено како одговорно однесување на првите луѓе на општината кон жителите на својата општина.

5. Жалиме што неосновано, без никаков аргумент, одлучивте, на прв ден Божик, кој за нас е еден од најголемите и најрадосните празници, да се обидете да внесете немир меѓу нас православните христијани кои имаме потполно право да ги носиме нашите деца во православните храмови. Ние сме нивни родители и старатели и знаеме што е најдобро во подигањето и развојот на нашите деца, имаме право да ги учиме на нашата традиција на која можеме да се гордееме и да им укажеме дека не ни се неопходни Халовин и слични увезени традиции за да празнуваме во радост и веселие.

Впрочем како што и нагласува Универзалната декларација за човекови права: “родителите или старателите на детето имаат право да го организираат семејниот живот во согласност со нивната религија или уверувања…” Или како што се вели во членот 18 од Конвенцијата за правата на детето дека “за се’ што се презема за детето и во негов интерес, одговорноста ја имаат родителите. ”

Затоа, би било далеку пополезно во овој празничен период, наместо на неосновани обвинувања, сите заеднички да се посветиме на разубавување на животот на децата кои навистина се злоупотребувани, на занемарените и оставени сами на себе деца.

Со почит,Здружение “Бадникови поворки”-се вели во реакцијата.

Здружението нема ниту печат, ниту поединечен потпис на нивен претставник.