Земјоделците во Тиквешијата „попарени,измрзнаа над 1000 ха лозови насади

Првичните оцени се дека штетите во овоштарството и лозарството се  големи по силните мразeви кои го погодија регионот ноќта меѓу 21 и 22 април . Митко Гинев од село Ваташа, регистриран земјоделец, лозароовоштар, вели дека утредента кога излегол на терен, се изненадил од она што го видел на неговата нива.

-„Тоа што го гледав беше чудо невидено, ниту еден зелен ластар не е останат за утеха на лозјата.Тешко ми е и бараме помош од институциите во Македонија. Работам околу 35-40 декари земја,половина е овошје половина лозја,сега како ќе биде не знам,тешко,многу тешко“,вели Гинев.

Според земјоделските стручњаци најмногу на удар на мразот се нашле лозовите насади во реоните на Глишиќ, Марена, Сопот, Рибарци, Курија, Фариш , коi важи како критична линија за лозарството. Сепак она што зачудува во сево ова е што на одредени лозови насади измрзнувањето e делумно, а некаде воопшто и да нема.

-„Во ваква напредната фаза од развојот немало мрзнење. Сега измрзнаа ластари од 30-40 см. Се сеќавам дека имало години кога во овој период температурата паднала до -2 степени, но никогаш вакви штети немало во овој период од годината“ ,посочува м-р Диме Златев,агроном со долг стаж од Тиквешијата.

Во Росоман критичната ноќ е измерена температура од -3,5 степени, во Сопот и Паликура температурата паднала до -4 степени, а најниска температура е регистрирана во Демир Капија од -5 степени.

Со оглед на новонастанатата состојба во посета на Тиквешијата дојде и заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски кој изврши увид во неколку домаќинства со оштетени насади од пролетните ниски температури.

-Јасно и евидентно е она што го кажуваше Управата за хидрометеоролошки работи дека неспецифичните временски услови ќе предизвикаат штети на овошните насади во сите региони. Се констатираше дека овошните насади претрпеа значајни штети и поради тоа Владата итно заседаваше и донесе две значајни одлуки, истакна Костадиновски. Тој направи увид во постапката во делот на обезбедувањето на итна првична процена за штетите коишто се предизвикани од мразот.

-„Можам да кажам дека во сите региони комисиите се присутни , итно постапуваат, ја праваат таа првична проценка и врз основа на тоа ќе бидат подготвени извештаи за сите региони. На база на тие проценки ќе се направи методологија по која ќе се врши проценката за штетите и по која што ќе постапува комисијата за утврдувањето на штетите предизвикани од мразот“, посочи Костадиновски.

Од подрачната единица на Министерството за земјоделство рекоа дека се формирани четири комисии на територијата на Општина Кавадарци за да се утврди првичната состојба, односно во Рибарци, Сопот, Црноречјето, Марена, Паликура и останатите делови на Општината.

– „Никој не очекуваше , а најмалку јас. Во мојата долгогодишна кариера немам доживеано вакви температури и штети  во втората половина на месец април со ваков интензите“,ова го изјави дипломираниот агроном професор во СОУ„Ѓорче Петров„ Благој Мишковски.

Неговите првични сознанија и информации говорат дека овие ниски температури кои владееја во Тиквешијата ноќта во петокот спрема саботата, 21/22 април, направија катастрофа во овоштарството и лозарството. Посебно „попарени„ се и земјоделците и насадите во низинскиот дел особено Сопотско, Росоманско, Манастирец, Паликура,Возарци, покрај речните водотеци и други региони.Штетите вели нашиот соговорник се катастрофални-цели 100 насто .Тоа значи родот отиде во неповрат.Ке има ли надомест на штетите допрва ке се дебатира по оценката што треба да ја направат стручните комиси кои треба на лице место да ги установат конретните штети.

-„Лозјата не се спасија овојпат. Младите папки не можеа да одолеат на температури пониски од нулата.Таа падна нагло и се движеше од -1 до – 5 што е погубна за младите штотуку развиени лозови ластарчиња“, вели Мишковски.

На повисоките места над 300, 400 и 500 метри надморска висина измрзнувањата се минимални или ги нема. Земојделците годинава нема да наберат грозје, праски и други овошки.Последиците ке се чувствуваат и наредените години, а потрошувачите ке купуват скапо овошје.Револтот е присутен и кај едните и кај другите.

– „Кај се сега земјоделците со трактори ајде,нека излезат пред собрание, а не само кога ќе им наредат“,прашува наш соговорник,лозар од Кавадарци.

– „Пред Влада, и блокирање на улици. Никој да не си оди дома додека не се реши проблемот“,порачува друг.

-„Која држава?Останавме само со нашите маки што се борат за поудобни фотелји,никој не мисли на земјодлецеот кој е двигател на целата економија.Родот не ни е платен уште од 2015 година,финансиски сме отепани,бидејќи не ни се исплаќа секоја реколта веднаш туку после 2-3 години, а трошоците околу обработката на земјата не чекаат“,прашува друг.

Министерот за земјоделство Михаил Цветков информираше дека Владата на вондредна седница расправала по повод настанатите штети на овошните и лозови насади од мрзнење, имајќи  предвид дека изминатите денови температурите се спуштаа и до минус 7 степени.

-„Владата донесе две одлуки, прво да ги формираме комисиите кои ќе излезат на терен и ќе направат записници на сите овие овошни и лозови насади за настанатите штети. Второ, имајќи  предвид дека се уште немаме избрано нова влада е формирана комисија од повеќе институции, каде што треба да ја изнајдеме најдобрата методологија, односно по кој закон истите ќе се исплаќаат, така што во вторник на редовната седница на Владата на Република Македонија ќе дадеме извештај по овие две информации, изјави Цветков.

Билјана Н.Тошевски