Земјоделците останаа без субвенции заради политичката криза

„Надлежните во земјоделството да изнајдат решение и да ни ги исплатат субвенциите за минатата година зашто сезонските работи се во тек, а ние сме без пари“- порачаа лозарите од Тиквешкиот регион . Според нив, нема терање политика и инает со земјодлеците, активностите на поле веќе се започнати, потребни се пари за набавка на заштитни средства, ѓубрива, нафта и семенски материјал.

– „Нема никаква законска пречка и оваа влада да ги исплати субвенциите,главната причина е што во државната каса нема пари, земјата ја дотераа на работ на бездната“,вели Горан Јошев, лозар од Кавадарци.

-„До кога вака мислат да си играат со нас, како мислат да оди работата понатаму, бараа нешто не добија и што сега, дај му на некој друг да ја тера работата, од вас веќе видовме нема аир. Зарем не мислите дека некој живее од земјоделство“, прашува Трајче Андов.

-„Тие што зедоа трактори и субвенции пред некој ден продефилираа со тракторите низ Пелагонија со поддршка за одбрана на Македонија, само не знам кој беше напаѓачот“, прашува трет земјоделец.

Ленче Николовска,ги повика земјоделците и нивните водачи да не се плашат и да кренат глас за да ги побараат парите кои заслужено им припаѓаат.

– „Каде им се т.н. лидери на земјоделците, каде е Аризанов, Шаклев, Тантаров или Стаменов да излезат и да го притиснат Иванов да го почитува уставот и да го даде мандатот за да може да се формира влада која ќе им ги исплати субвенциите и ќе им помогне во пласманот на земјоделските производи, реагира Николовска. Според Николовска ако исплатата на субвенциите се одвивала навреме, досега ќе биле исплатени најголемиот дел од земјоделските субвенции и немало да има ваква состојба во која земјоделците се и најголеми губитници.

„ Земјоделците се жртви на перфидното тактизирање на власта, да им ги исплаќа субвенциите само пред избори. И да има пари во буџетот власта намерно не им ги исплаќа за да може со нив да ги корумпира пред избори“, вели Николовска.

Иако лани околу 90 милиони евра изнесуваа субвенциите за земјоделството, информациите од платежната агенција, велат дека досега се исплатени околу 35 милиони. Останатиот дел од 55 милиони евра ќе чекаат зашто според изборниот законик, истите не можат да се дадат на земјоделците се додека не се формира новата влада. Неодамна министерот за земјоделство Михаил Цветков изјави дека барањето за измени во Изборниот законик со што ќе се овозможи исплата на субвенциите за земјоделство ќе биде ставено на седница на Влада според кое предлогот за измени е субвенциите да не се исплаќаат 20 дена пред избори, а не како досега 40 дена пред избори па сè до формирање нова Влада. Според него,Собранието мора да се состане во најкраток рок, да се дефинира новиот состав и доколку сакаат пратениците да им помогнат на земјодлеците да го сторат тоа што поскоро.

Билјана Н.Тошевски