Земјоделците ќе можат да аплицираат за субвенции до 15 септември

Владата, на денешната седница, го продолжи рокот за земјоделците, за аплицирање за субвенции до 15 септември, од сегашниот рок 30 јуни. Со тоа Владата им излегува во пресрет на земјоделците кои поради необезбедени технички услови, не биле во можност да почнат со аплицирањето од 15 април годинава.

Владата, усвои измени и дополнувања на Програмата за финанасиска поддршка во земјоделството за 2017 година, со што ќе се овозможи обештетување на земјоделците кои имаат штети од поплавите во тетовско на почетокот на јуни годинава, како и за земјоделците кои претрпеа штети од пролетните мразеви 2016 и 2017 година.

Исто така Владата донесе одлука за измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој по скратена постапка, со што се создадени услови да отпочне исплатата на субвенциите на тутунарите за минатата реколта.

На денешната владина седница е разгледана потребата за гаснење на огнот на депонијата во Струга, на што укажуваат тамошните жители. Задолжени се Министерството за животна средина и уште неколку министерства, уште утре да излезат на терен, по што треба во најкусо време да предложат мерки за ургентно решавање на проблемот, како и долгорочно решение за проблемот.