ЗНМ: Добиената пресуда во Стразбур е победа на новинарската заедница

Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот суд за човекови права за случајот „Селмани и останати против Република Македонија“ поврзана со настаните од 24 декември 2012 година кога новинарите беа насилно избркани од галеријата на Собранието на Република Македонија.

Пресудата на Европскиот суд констатира повреда на две права гарантирани со Европската конвенција за човековите права и тоа: Правото на слобода на изразување од член 10 и правото на фер судење од член 6 од Конвенцијата.

Оваа пресуда е прва со која се утврдува повредата на слободата на изразување и е многу важна за демократијата и владеењето на правото во Република Македонија. Истовремено, пресудата е и победа на новинарската заедница која покажа дека за правда секогаш вреди да се бориме. Правдата можеби е спора но секогаш победува.

Таа придонесува во Македонија да се создаде правна култура и да се афирмира принципот на почитување на основните човекови права и слободи.

Оваа пресуда претставува доказ дека институциите во Република Македонија потфрлија во исполнување на својата основна задача да ги штитат и промовираат човековите права.

Сите детали околу пресудата ќе бидат презентирани на прес конференција која ќе се одржи утре (10.02.2017 година) во 11.00 часот во Клубот на новинари.