Зоран Заев- Политика на “се или ништо” ( “Со мечот, или на него”)!?

Пишува : Веле Митаноски

 

Зоран Заев, очигледно во политиката заиграл на картата: “Се, или ништо!”. Тој, самиот, вели дека е искрен верник на православието, што за струмичко и валандовско (се до хорхевото Паљурци, каде унијатството се купувало, односно православието се продавало за пари!), е доблест, а не хендикеп.

Повторно гледаме дека дедо Стефан ги љуби владините одаи. Не дека и во Бранково време, не се љубеше можноста да се прибере и некое конзервативно ливче во гласачките урни! Премногу е да очекуваме од Заев, да му удира контри на клирот кој, речиси до вчера, со “крстот на чело!”, одработуваше за Груевски, некои велат и со црковното ќесе!?. Можно е на Заев, дедо Стефан сега да му изгледа како плурална алтернатива пред плебсот, во отсуство на отворената соработка на опозициската ДПМНЕ. Во сегашните, клучни  моменти за државата, кои се вистински предизвик да се “заигра само на се, или ништо”!

Но, искуството, сепак учи, дека “поповото е за попот, а царевото – за царот!”, или како што пишува Барак Обама:“Одвоеноста на црквата од државата ги штити еднакво и црквата и државата. Политиката, за разлика од науката, вклучува компромис, уметност на можното, религијата инсистира на неможното”(“Смелоста на надежта” (The audacity of hope thoughts on recklaming the amercan dream).

“Ние, за жал, сме инстант верници во хибридна држава, активни учесници во менталната парада на која не и го знаеме крајот!”( Митко Гогов).

Од вчерашното “торжествено” одбележување на Бадник, со поворките и литиите (!) по македонските средсела и плоштади, се гледа дека му се умилил и дедо Стефан (и обратно!), кој денеска, на ручек ќе ги има истите функционери, ама со нови имиња! И самиот сум верник, во Црквата, но не и во владиците (или, барем, не во сите!),  а и од малото искуство што го имам од владините одаи, кога со Бранкота делевме соседни канцеларии, познато ми е како “возљубеното чедо на Бога” –  дедо Стефан, има широки погледи за световното: од демохристијанската конзервативна десница (од Бога дадени лажговци!), до македонската социјалдемократската левица, скроена ниту по современиот островски Блер, ниту по конзеравтивниот, континентален Жак Атали, па ниту по прагматичниот Шредер!

Жак Атали проповедаше социјалдемократија како опција за општество кое ќе им даде подеднаква шанса на сите, кај Заев преточено во “Живот за сите!”. “Угодно за око и ухо”, што би рекле Хрватите, прагматично – привлечно (за моменти на љубов, лов и избори!), ама што после победата.?

На колегата Бранко Тричковски (неговиот пис – јазик и стилот му се приватна работа, а за вкусовите не се дискутира), се уште не можеме да му го одземеме првото аналитичко перо. Со неговата вчерашна колумна, ме потсети на зарипнатата дума на Киро Глигоров од плоштадот “Македонија” (тогаш без опашката и ташаците на атот од Александар Мегало!):”Не ме оставајте сам!”. Тоа го кажа во името на СДСМ, непосредно пред гласањето на едни општи парламентарни избори.

Не знам дали со ова искуство ,или не, но сеедно, колегата Бранко, беше напишал дека  имаме апсурдна ситуација која во својата апсурдност може да има и позитивни набои (насловот:Македонија може да преживее само ако умре!)

Цитирано: ВМРО-ДПМНЕ е во аут…Со остатоци имаат само една смисла на своето постоење: законот за амнестија. Со таквата понуда и новото раководство се потврдува како криминално дувло кое политиката ја разбира само како поле за пљачкашки натпревар”.

Но, и СДСМ е аут. И тие немаат време за некаква идејна и политичка работа која не е непосредно сврзана со бербата на плодовите од освоената власт…Собранието отсекогаш било обична потемкинова кулиса, но денеска не е ниту тоа, туку е една голема каса исплати институција, испразнета од секаква друга смисла. Прашање е во каков капацитет е и Владата како извршен орган што управува со општите работи, ако ни најдобронамерните не можат да видат која е проекцијата, која е идејата, кај сме тргнале да одиме, какво општество имаме и какво сакаме да оставиме таму кај што сме тргнале. Имаме само поединци што имаат овластувања да алоцираат средства, да даваат лево и десно пари, да вработуваат и се викаат власт”.

И сега поентата: “Го имаме Заев. Посебна личност, многу посебна. Тој ги врзува за себе клучните надежи и одговорности. ДA НЕМАМЕ НИКАКВИ ИЛУЗИИ ОКОЛУ ТОА КОЈ ЌЕ ГИ БЕРЕ ПРИЗНАНИЈАТА, А КОЈ ЌЕ ГО ЈАДЕ СТАПОТ (од мене подвлечено). И ја имаме надежта, последната надеж дека ќе останеме во времето, тоа е влезот во НАТО преку решавање на сите спорни прашања со соседите, поаѓајќи од ставот дека ние сме главен фактор во тие спорови, дека ние сме спорот, дека ние сме проблемот, односно дека решавајќи го проблемот се решаваме себе си”.

Настрана хорхевизмот со бладањата за космодискот, компромисот не е знак на слабост, туку на доблест. До слободата води патот на прагматизмот, разумот и компромисот.Кога би биле во прашање само Грците, би им ја цитирале старата кинеска мудрост: “Викајте не и грне, само не не кршете!”.Уште професорот Блаже Конески не подучуваше: “Деца, носиме преубаво име, се плашам дека ќе ни го земат!” Дали тој, уште тогаш, (шеесеттите години на минатиот век), гледаше “преку седум рида”, кога не подучуваше: “Јазикот ни е последната татковина”.

 Да, колега Тричко, го имаме Заев. Но дали тој не има сите нас? Нам сега ни е потребно колективно локално будење. Слободата и демократијата од Ганди,  преку Мандела и Валенса до денес, секогаш се резултат на локално будење.

“Како нација можема да бидеме горди поради фактот што имаме меко срце, но не можемe да си дозволиме да бидеме со слаб ум” (Френклин Делано Рузвелт).

 Во политиката три месеци се цела вечност. Отприлика толку имаме “решавајќи го проблемот се решаваме себе си”(Тричковски).

“Компромисите сами по себе не се лоша работа. Да се издигнеме над ситните амбиции и тесните калкулациии. Да ги положиме личните интереси за усовршување на несовршената нација. Да го исполнеме пејзажот на нашите заеднички соништа” (Обама).

Се случи вчера, жестоката дебата на ФБ со другарот Тито Беличанец, да ја продолжиме уште пожестоко на крајезерското шеталиште во Охрид, на очиглед на бројна публика (денеска и судијата Дане Илиев ми кажа дека ја слушал препирката), и со поткрепа од неговата трпелива сопруга. Точно, ниту е времето исто, ниту пак Заев го држи мечот за да го пресече Гордиевиот јазол! Точно, владее само неколку месеци, но никој не очекува чуда и не бара од владата да ги реши сите нивни проблеми. Но, сите длабоко во себе чувствуваме дека со само мала промена во приоритетите, ќе можеме да бидеме сигурни дека синовите, ќерките и внуците ќе ни имаат пристоен живот ( за сите!), зашто знаеме дека сите заедно – можеме подобро.

По случајната средба со Беличанец, “тврдокорниот прилепчанец!”, пофтев, сосема кратко, но најдобронамерно да се обратам до Зоран Заев:

Да си ги прибере распојасаните пратеници, а и не само нив. Политиката помалку да биде прашање на паричникот, а многу повеќе прашање на моралот, на етички императиви и аксиоми.Точно е дека тој сруши режим со пенкало!Но, во мегувреме, тој произведе многумина “изненаѓени и увреѓени!”, што, ако, недај боже, дојде до скоро вонредно гласање (а тоа не зависи само од него, па ниту од “мегународната!”), тогаш народот ќе му “гласа со нозе!” ,или, пак, ќе му испорача бели ливчиња!

(Во политичкиот речник, “гласање со нозе” е метафора за апстинеција!)

Зоран Заев е од Струмичко, ама како што ја води политиката (со срцето и емоциите – напред), како и да не слушнал за Водоча, односно Вадиоча, односно за византизмот во политиката, а е толку млад за “се или ништо”.Тоа се гледа од начинот  како ги брани некои неодбранливи потези на “мангупите од сопствените редови” во владините ешалони, но  и од хиерархијата што ја воспоставил и начинот како ги распоредил шаховските фигури на партиската табла.

А, само, “тој ги врзува за себе клучните надежи и одговорности. ДA НЕМАМЕ НИКАКВИ ИЛУЗИИ ОКОЛУ ТОА КОЈ ЌЕ ГИ БЕРЕ ПРИЗНАНИЈАТА, А КОЈ ЌЕ ГО ЈАДЕ СТАПОТ (од Тричко напишано – од мене подвлечено).

Отприлика, како во митот за Спартанките кога своите синови ги испраќале во бој: “Со штитот, или на него”!?

 

Веле Митаноски