Зошто сведоците на СЈО протестираат, а на ОЈО не протестираат

Од  соопштението  на Основно јавно обвинителство(објавено на 13.02.2017), кое е под раководство на обвинителот Марко Зврлевски, дознаваме дека ова обвинителство води истрага за изборни нерегуларности и дека 70 сведоци веќе се повикани на сослушување. Тие дале исказ , а јавноста сега првпат слуша за такво нешто. Иако ОЈО не открива, може да се претпостави дека истрагата се однесува на донациите и на изборната кампања на партијата СДСМ. Ова е повеќе од сигурно, затоа што досега ова обвинителство, никогаш нема покренато ниту една истрага за раководството на ВМРО ДПМНЕ, иако се поднесувани бројни претставки за злоупотреба на службена должност . Обвинителот Марко Зврлевски ги отфрли сите досегашни поднесоци од опозицијата, а никогаш нема иницирано некоја истрага за актуелната владејачка гарнитура, ниту по сопствено убедување, ниту по допрен глас. Тој, не се обиде ниту јавно да се дистанцира од неколкумина високи раководители на ВМРО ДПМНЕ со кои одеше на ромски балови и седеше, јадеше и пиеше на иста маса, што е класичен судир на интерес.

Од друга страна, повиканите сведоци од страна на СЈО во Охрид, членови и локални раководители од ВМРО ДПМНЕ, организираа протест со партиска одлука. Имено, општинската организација на оваа партија одржа состанок и донесе одлука да протестира и да ги одбие повиците на СЈО да дадат искази како сведоци. Некои сепак се појавија пред обвинителите, а други, претежно со одредени функции, како на пример пратеникот од овој град, јавно порачаа дека не го признаваат СЈО, нема да дадат исказ и ќе покренат иницијатива во Парламент за укинување на Специјалното обвинителство.

Тие обвинуваат дека СЈО е селективно, дури и го прекрстија во Селективно јавно обвинителство.

Вистината е дека СЈО е формирано со потписите на сите лидери на политички партии.

Мандатот на ова обвинителство произлегува од прислушуваните разговори, а постапките се покренуваат или предметите се оформуваат во зависност од доказите и нивната достапност.

И што е можеби најважно. Зарем мислите дека доколку Заев, Шеќеринска или некој друг политичар од опозицијата, како и луѓето што работат во невладините организации, или пак новинари и други јавни личности, имале било каква незаконска или сомнителна активност, а биле слушани со години од Сашо Мијалков, ќе останале нечепнати? Па тој имал на тацна се што правеле, условно кажано, сите други што не се ВМРО ДПМНЕ, а за волја на вистината и тие од ДПМНЕ. Зарем не знаеле дека Ивона Талевска на пример, се притајува како мечка во пештера се дури не легне на нејзина сметка милиончето? Знаеле, и повеќе од тоа. Затоа и дојде македонското новинарство на ова дереџе.

Е сега, точно е и тоа дека некои чудни свртувања во минатото се веројатно дел од корпусот уценети и смирени или придобиени на тој начин, но генерално, одмаздољубивите пориви и желбата да контролираат се, со сигурност ќе беа доволна причина да испопикаат многумина зад решетки, доколку имале и трошка доказ или сомнеж за нешто.

Сетете се што му се случи на Љубе Бошковски.

И  сега, зошто сведоците на СЈО протестираат, а оние на ОЈО не?

Па првите протестираат затоа што се плашат и знаат дека СЈО има докази за нелегални донации, не оние за кои зборуваат од една – две илјади или лично што ги донирале по сопствена желба. И секако, не фермаат ни закон, ни тајност на постапка, што би се рекло, не фермаат  жива сила.

Вторите, не знам дали имаат причини да се плашат или не , и со што располага Основно јавно обвинителство, но го почитуваат законот и не излегле да раскажат за што ги повикал Марко Зврлевски, затоа што повреда на истражна постапка е кривично дело. И покрај се, замислете почитуваат институции, закон и тајност на постапка.

Има разлика, а и логика, зарем не?

 

Емилија Лазаревска