Иванов му оддаде признание на Киро Глигоров за формирање на АРМ и трасирање на нејзините патишта

Претседателот на РМ и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, на јубилејната прослава на Денот на Армијата , му одаде почит на првиот Претседател Киро Глигоров.

Иванов Рече:

,,Денеска, кога го славиме овој голем јубилеј – 25 години од формирањето на Армијата, ние се потсетуваме и на минатото, но гледаме и кон иднината.

Сите ние добро се сеќаваме дека Армијата се формираше во време-невреме, за краток период, со малку опрема, но со многу љубов кон татковината.

Се сеќаваме на првите македонски војници кои на караулата „Рамна нива” го подигнаа знамето на Република Македонија. Се сеќаваме на првите регрути кои ја дадоа првата свечена заклетва во касарната „Илинден”. Уште тогаш, очекувањата од Армијата беа големи. Во тој драматичен период кога оружјето одново ѕвечкаше на Балканот, кога сè уште бевме негирани и уценувани, првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров истакна дека Армијата треба да биде во функција на одбрана на границите, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата млада независна држава. Со тоа, пред четврт век, тој ги трасираше основните задачи на Армијата“- рече Ѓорге Иванов.
..

Тој по повод јубилејот, додели одликувања за посебни заслуги:

,,Во овие 25 години, Армијата на Република Македонија беше многупати проверувана.

Во мугрите на независноста, Армијата беше силен аргумент против оние кои  се сомневаа во нашата способност да опстанеме како суверена држава.

Чекорејќи на евроатлантскиот пат, со 27 ротации во ИСАФ, 6 ротации во „Одлучна поддршка”, 22 ротации во АЛТЕА и 10 ротации во УНИФИЛ, нашата Армија стана најпроверувана армија во историјата на Алијансата.

За време на првиот мигрантски бран, Армијата ја заштити не само Македонија, туку и Европа од заканата од илегална миграција.

Во изминативе 25 години, Армијата ја зацврсти и националната безбедност. Безбедност што е неопходна за демократијата и за економијата, но и за македонскиот модел на соживот и на почитување на различноста.

Денеска, на 25-годишнината од формирањето на Армијата, со Орден за воени заслуги се заблагодаривме на три единици кои со своите постигнувања се покажаа како достојни амбасадори и на Армијата и на Република Македонија.

Прва е командата за обука и за доктрини. Оваа команда е заслужна за високата обученост на припадниците на Армијата како темел на борбената готовност на Армијата на Република Македонија. Многу генерации старешини и војници се изградија благодарение на оваа команда.

Тука е и четвртиот механизиран пешадиски баталјон. Во 2014-та, овој баталјон беше највисоко оценет во Борбената група на ЕУ. Минатата, 2016 година, четата на овој баталјон учествуваше на најголемата воена вежба на НАТО во источна Европа – „Анаконда”. Баталјонот постигна највисоки резултати на годинешните вежби: платинест волк и платинест лав. Овој баталјон е и најактивно вклучен во гаснењето на пожарите низ Македонија.

Меѓу нас стојат и припадници на баталјонот што е присутен на секој свечен чин во нашата татковина. Учествува на пречекот на високите странски државни делегации, во подигнувањето на македонското знаме на јарболот, но и во свеста на македонските граѓани. Овој баталјон што ја популаризира Армијата е непосредна поддршка на врховниот командант. Затоа, на 25-годишнината од Армијата, со Орден за воени заслуги му укажуваме чест и на почесниот баталјон.

Благодарение на ваквата посветеност, нашата Армија стана синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина“-рече Иванов.