Иванов не го виде Мадагаскар, авионскиот сообраќај нормализиран

Претседателот Ѓорге Иванов остана со една прошетка помалку. Заборавен телефон во авионот, кој по проверката доцна синоќа сепак полета за Истанбул , го остави Иванов без егзотично патување. Од компанијата ТАВ соопштуваат дека е направена задолжителна контрола на авионот по пронаоѓањето на телефонот, а потоа авионот доцна синоќа одлетал за Истанбул, но без Иванов и неговата придружба.

– Во текот на редовната безбедносна проверка на авионот за  вечерниот  лет на 23 ноември  кон Истанбул беше пронајден оставен мобилен телефон. Поради безбедносните правила на авиокомпанијата и одлуката на капетанот, леталото се врати во позиција на паркирање за да се изврши дополнителна контрола. Ова е стандардна меѓународна процедура што се спроведува во име на безбедноста на леталата и на патниците. Поради неа, летот беше одложен. Откако сите услови беа исполнети, капетанот одлучи да продолжи со летот и авионот, во средата, во 22:56 часот полета кон Истанбул, се вели во сооппштението на   ТАВ Македонија.

Со авионот на „Туркиш ерлајнс“ кој привремено беше задржан синоќа на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, за Истанбул, требаше да отпатува и делегација предводена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Од кабинетот на шефот на државата информираа дека поради безбедносните процедури, претседателот Иванов и членовите на делегацијата не отпатуваа за Истанбул од каде требаше да заминат за Мадагаскар на Самит на франкофонијата.

Инаку, од ТАВ известуваат дека некои одложувања на одредени летови видливи на аеродромската вебстраница се од вчераутро. Тие се резултат на густата магла и воопшто не се поврзани со одложениот лет кон Истанбул.