Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Бразил, вчера, свечено ја отвори Амбасадата во Бразил,  прва македонска Амбасада во Латинска Америка.

Отворањето на македонската Амбасада во Бразил претставува почеток на ново пријателство и соработка меѓу двете земји, порача претседателот на Република Македонија на свеченото отворање на македонската амбасада во Бразилија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија. Визната либерализација меѓу двете земји, претставува дополнителен поттик за унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји, особено во сферата на туризмот, оцени македонскиот претседател.

– Покрај дигиталната трансформација, личниот контакт е незаменлив и личното ваше присуство на овој чин кажува дека ова е почеток на едно ново пријателство и соработка. Неопходна ни е соработка и неопходни се лични контакти преку сите претставници на земјите на сите континенти. Бидејќи на сите ни е неопходен мирот и просперитетот, и неопходно е на младите поколенија да им оставиме извесна иднина, порача македонскиот претседател.

Македонскиот амбасадор Ивица Боцевски истакна дека Република Македонија во Бразил гледа свој партнер во глобалната економска, технолошка, научна и дигитална трка.

– Централен дел на работата на оваа Амбасада ќе биде борбата за привлекување на странски инвестиции во Македонија, посебно на најглобализираните и технолошки водечките бразилски брендови, порача амбасадорот Боцевски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и в.д министерот за надворешни работи на Бразил, г. Маркос Галвао.

– Во овој период го видовме стапувањето на сила на договорот за визна либерализација, кој што е темелен за зближување на нашите народи затоа што веќе ги олеснува посетите помеѓу двете земји. Идентификувавме можности во областите на разузнавањето, соработка во правосудството, трговијата и културата, порача Галвао.

Ambasada_Brazil1На свеченоста на отворањето на македонската амбасада во Бразилија присуствуваа личности од политичкиот и општествениот живот на Бразил, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници од македонската дијаспора.

Претседателот Иванов кој престојува во официјална посета на Бразил вчера оствари средба со претседателот на Бразил, г. Мишел Темер. За утре се предвидени средби на македонскиот претседател со Фернандо Колор де Мело, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат и со Бруна Фурлан, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил.(соопштение на Кабинет на Претседател на РМ)