Иванов ја отвори повторно вратата за Груевски да обезбеди мнозинство и да добие мандат

,,Решив да направам консултации со надлежните институции и политичките партии. Сега веќе немаме само политичка, туку и уставна и институционална криза, па затоа мандат за состав на нова Влада ќе добие коалицијата која ќе обезбеди мнозинство за состав на нова Влада, што значи прво доказ за мнозинство, па потоа мандат за состав на нова Влада-рече претседателот на државата Ѓорге Иванов на обраќањето по серијата консултации со политичките партии кои освоија пратенички места на последните избори.

Тој оцени дека две и пол години минуваме низ длабока политичка криза. Неодамна се одржаа и долгоочекуваните избори за кои се надевавме дека ќе дадат излез од оваа состојба. Но, наместо конечно да почне да се разрешува, истата влезе во нова фаза.

Изминатиов период се изнаслушавме разни толкувања на Уставот. Секој го толкува онака како што сака или како што му одговара-рече Иванов.

Иванов го цитираше членот 90 од Уставот кој според него е јасен: „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.”

Според Иванов уставотворецот му дал слобода на Претседателот самиот да процени во вакви ситуации.
Иванов тоа го правда вака:

,,Не случајно уставотворец предвидел само еден член во Уставот – тоа е Членот 90. Намерата на уставотворецот кој не ги уредил во детали можните постапување на Претседателот во вакви или слични ситуации, значи дека му дава слобода во делувањето и проценките на Претседателот на Република Македонија.

Го искористив уставното право и обврска. Водејќи се од словото на Уставот, и по извршените консултации, на 9 јануари 2017 година мандатот му го доверив на господинот Никола Груевски. Со тоа го испочитував Уставот, но истовремено останав доследен и на досегашната практиката,,-рече Иванов.

Ѓорге Иванов отиде уште понатаму и постави услов партијата што ќе ја поддржи или ќе и довери мандат да ги исполни следните негови назнаки:

,,Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.

Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

За време на консултациите се разговараше за сите можности и варијанти во случај никој да не може да обезбеди мнозинство во Собранието.

Сите опции остануваат отворени,,- изјави Иванов.