Иво Вајгл демантира дека рекол нешто лично за Груевски

 

Иво Вајгл негира дека воопшто споменувал некого индивидуално во однос на македонската политика, како што објави Ал Џезира.

– Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Јас не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас не зборував за тоа. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за Нова ТВ, а се разбира тоа е дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за натаму е и преку тоа што го прави Специјалното обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството, дека постои некаква индивидуална одговорност на било кого, тогаш тој се разбира дека ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци – вели Вајгл во телефонска изјава за МИА.

На прашањето дали тој лично во некоја изјава или интервју го споменал поранешниот премиер Груевски и нешто што наводно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му го кажал лично, словенечниот европратеник негира.

– Не, не сум зборувал такво нешто. Никаде не сум кажал такво нешто за некого лично – вели Вајгл.

Известувачот за Македонија во ЕУ потенцира дека се што кажува е јавно и не му е јасно од каде таква изјава низ медиумите.

Имено, Ал Џезира пренесе дека агенцијата Анадолија објавила наводна изјава од Иво Вајгл во која тој рекол дека Груевски рекол на средба во Скопје дека ќе оди до крај затоа што не сака да оди во затвор.

Денеска ВМРО-ДПМНЕ го повика Вајгл или да се огради од „невистините“ и да ги демантира  доколку не  кажал таква изјава или да се извини за политичките манипулации со кои што ја „доведува јавноста во заблуда заради остварување на нечии агенди“.