Измрзнаа лозовите насади во Тиквешијата

Лозарите стравуваат дека голем дел од лозовите насади во Тиквешијата се измрзнати или оштетени. Сега, не може да се каже прецизно колкава е штетата, но според Ангелко Ангелески од УХМР, ниските температури можат да предизвикаат оштетувања на родните папки кои се во фаза на мирување, а не е исклучена и можноста од измрзнување на тенките гранчиња.

За лозовите насади најкритични се температури од -21 степен кога биле измерени во неделата и понеделникот и кои сигурно негативно се одразиле кај сортите на грозје.

Сознанијата се дека во одредени делови на Шивечко и Шамаци во Кавадаречко, температурата во една вечер паднала и до – 18 степени, но и оние негативните до -15 можат да бидат лоши за лозовите насади, и ако не 100 процентно тогаш сигурно ќе има одредено измрзнување кое според стручњаците дополнително ќе биде утврдено.

– Производството на грозје е фабрика на отворено и општо познато е дека во изминатите години нашиот род постојано страда од мрзнење,суша,огромни количини на дождови,град и сл.Нашите погледи со молба сега се свртени горе кон небото,да се смилува,да немаме уште пострашни и поларни температури кои повторно целосно ќе ни го соберат родот од нивите,велат лозаропроизводителите со кои разговаравме.

-„Едно е јасно, најмногу страдаат насадите покрај река, на ниските места околу Повардарието, особено сега која имаме негативни температурти под –15 степени,кај некои сорти како „Кардиналот“ измрзнувања можат да се случат и на – 14 и „Вранецот“ е чуствителна сорта на студот. Но, засега не треба да се говори паушално. Во сабота кога се очекуваат нешто повисоки температури ќе направам практични испитувања на плантажите на СОУ „Ѓорче Петров“ и на други површини и ќе имам поточни сознанија“, вели агроном Благој Мишевски, професор во ова училиште.

Агростручњаците велат дека нискоквалитетните сорти издржуваат температура до минус 15 степени, а секој понизок степен доведува до мрзнење на родните окца кај виновата лоза. Кај сортите кратошија,вранец, смедеревка, кардинал, афус-али можно е измрзнувањето на родните окца да биде и над 50 проценти, додека кај висококвалитетните сорти, како што се станушина, жилавка, ризлинг, мерло, каберне, шардоне, рибиер, мускат хамбург, совињон и темјаника измрзнувањето може да биде помало. Тие велат дека евентуалното измрзнување е можно да се коригира со резидба и да се елиминираат штетните последици.

Со оглед на тоа дека сме во средината на зимскиот период и очекувани се студени утра со екстремно ниски температури, агростручњаците со апел до лозарите да не се брза со кроење на лозјата бидејќи оние насади кај кои веќе е извршена резидбата можат да се очекува да се најдат на удар на ниските температури.

Билјана Н.Тошевски