ИЗОЛИРАНИ

                                               

Македонија е изолирана земја. Груевски е изолиран политичар. Ние, народот, сме изолиран народ. Се препелкаме. Кубуриме. Купи ден, помини.

Нашиот живот се одвива во цикличен круг на омраза, обвинување, оцрнување, вровување, заглупавување, онеписменување, дриблање, крадење, глумење, лажење, ругање, преживување, плукање, простакување.

Колку треба да си суров, да немаш основно (со)чувство кон подмладокот, иднината на оваа држава, да донесеш група ученици во храмот на недемократијата и токму сега, кога собраниските клупи се срамат од тие што седат на нив , да им покажуваш како изгледа еден работен ден на народните избраници? Што им покажавте? Што научија? Или така треба? Од мали нозе да ги задоите? Како на протестите кога протестираа – ,,за својата иднина“? Или како во паркот кога ,,цртаа за унитарна Македонија“?  Дали  всушност,  треба да се помириме дека  тие, што седат таму во собраниските клупи , се токму такви каков што е и народот, или каков што треба да биде според вашата замисла? Слика и прилика? Што ни се случи? Како дојдовме дотука?

Како дојдовме до такво срозување на вредносните системи, на општо прифатените критериуми на однесување, па на немањето основна култура кај многумина, наместо тие, ние да се срамиме? Колку пати ви доаѓа да урлате на цел глас дека тука не се плука, дека не е културно на улица да се празни носот, дека во таа грмушка не се уринира, дека на ѓубрето местото му е во корпа? И колку пати наместо нив, вие се посрамувате и едноставно се правите како да не сте виделе и не сте слушнале ништо? А тие продолжуваат со некултура да го освојуваат просторот и тој станува претесен да не собере нас и нив?

И сега, за кој народ зборуваат ТИЕ? Во кој народ се препознавате? Во кој народ се крстат кога велат НАРОДОТ?

11 години ги гледавме како ни ја киднапираат државата. 11 години ги слушавме како не лажат. 11 години им допуштавме  да не крадат, да не потценуваат, да се подигруваат со нас. 11 години! Да, во право се. Пак е до народот. Навистина НАРОДОТ е виновен за тоа. Затоа што е таков, каков што е. Дозволи да наседне на скапо платениот популизам со негови, народни пари.

Откако го испокараа и направија Македонецот на Македонец да му е волк , сега тргнаа на меѓунационалните односи.

Опасна игра играте, многу опасна. Нема да ви дозволиме да се извлечете. Нема да ви дозволиме да не вовлечете. А војна да имаме, така велевте? Не поминува тоа.

Ме радува што еден дел од народот, од албанскиот народ, поита да го осуди симнувањето на македонското и поставувањето на албанското знаме. Ве прочитаа. Знаат деке е началничка игра, иста таква како речиси пред две години во Дива населба и сега пак во Куманово. Не е случајно, намерно е.

Нема да дозволиме меѓуетнички да не раскарате. Затоа што знаеме дека и војна ќе направите, само да се спасите од затвор.

Пелин во устата во Малта? Како е да те игнорираат? Непријатно? Неубаво?

Бедно е да трчаш по ходници, па нели проглас читаше качен на гајба дека никогаш повеќе нема да дозволите странци да ви се мешаат? Како сега трчаш по нив, само да те погледнат, рака да ти стиснат? Нели предавниците ја кодошеле Македонија кога се жалеа од вашите зулуми во Брисел или на средбите во Скопје?

Ваков кодошлук како твојот по ходниците во Малта, не е виден. Тажно Никола, тажно.

Знаете што е најстрашно од се? Што токму НАРОДОТ ова нема да ви го прости. Затоа, вразумете се. Не си играјте со народот.

Затоа, во ИМЕ НА НАРОДОТ! NO PASARAN!

 

Емилија Лазаревска