Израел ги затвори палестинските територии

Израелската армија ги затвори во понеделникот на полноќ Западниот брег и појасот Газа по повод Јом Кипур, еврејскиот Ден на покајание, најсветиот во еврејскиот календар.

Војската соопшти дека влезот во Израел ќе биде дозволен само за хуманитарни и итни медицински случаи.
Палестинските територии, се наведува во истото соопштение, ќе бидат затворени до денес на полноќ. Сепак, не се исклучува можноста затворањето да биде продолжено. Тоа зависи најповеќе од ситуацијата.

Во обични денови десетина илјади Палестинци минуваат низ контролните пунктови меѓу Израел и Западниот брег.

Иако Газа се смета за стално блокирана територија и оттаму преку граничниот премин Ерез преминуваат Палестинци кои имаат специјални дозволи.

Палестинските територии се затворени откако еден Палестинец во неделата во Ерусалим на железничката станица недалеку од седиштето на полицијата уби 60-годишна жена и млад израелски полицаец. Напаѓачот потоа во престрелка беше убиен од припадници на полицијата.

Иако одлуката за затворање на територијата следеше по тој напад, тоа е вообичаена мерка за безбедност при еврејски празници.

Денот на покајувањето почна вчера со заоѓањето на сонцето и ќе заврши денес на полноќ.

Религиозните Евреи постат во текот на 25 часа и се молат.

Јом Кипур е единствениот ден во годината кога нема радио и телевизиски емисии, ниедна продавница не работи, а затворен е и меѓународниот аеродром.