Илиески: Програмата на Македонска Филхармонија е ревидирана и навреме доставена до Министерство за култура

Директорот на Македонска Филхармонија, Виктор Илиески, за АКО.мк изјави дека програмата за работа и концерти на Македонска Филхармонија веднаш по неговото доаѓање на чело на институцијата , е ревидирана и доставена навреме до Министерство за култура. Во оваа програма го нема името на бендот Bernays Propaganda, кој пак е наведен во апликација поднесена од претходната директорка Маја Чаначевиќ за заеднички концерт, но без нивна согласност. Врз основа на оваа апликација комисијата која одлучувала во Министерство за култура, донела одлука да и се додели на Филхармонија 4.000 евра за концерт којшто, како што е наведено, треба да се одржи на 27 април.

Илиески вели дека новата програма е усвоена од Управен одбор на Македонска Филхармонија веднаш по неговото доаѓање на чело на институцијата, 28 јули 2017 година.

Претходната директорка аплицирала на 30 јуни 2017 година со старата програма, во која е наведен концертот на оркестарот при Филхармонија со групата Bernays Propaganda, иако тие за тоа не дале согласност.

Актуелниот директор Виктор Илиески се оградува од целиот случај и постапки на претходната директорка.

Тој, на барање на членовите на групата Bernays Propaganda, за утре закажал заеднички состанок, за да ги расчистат недоразбирањата.

Гитаристот на оваа група веќе обвини дека претходната директорка го злоупотребила бендот и дека најверојатно се работи за криминал во државните институции.

Според наши сознанија, комисијата во Министерство за култура која одлучувала за дотации, најверојатно се раководела по старата програма доставена од Маја Чаначевиќ.

АКО.мк