Албанскиот претседател Илир Мета,  денеска престојуваше меѓу Македонците во општина Пустец. Тој  порача дека македонското малцинство е богатство за Албанија. Беше пречекан од заменик-градоначалник Андон Јани, членовите на Советот на општината Пустец и претставници на Македонска Алијанса за Европска Интеграција (МАЕИ).

,,Многу е значајно да го негувате вашиот идентитет. Јас сум посветен и понатаму да го промовирам македонското малциство, кое има прекрасни вредности и традиции. Македонското малцинство ќе биде постојано во мојот фокус“,- изјави Мета по средбата.

Во рамки на одбележувањето на значајни исторски личности и настани, Мета најави дека годинава, ќе биде и во знакот на оддавање почит на познатиот писател по потекло од овој крај, Стерјо Спасе „синот на македонската етничка заедница“ чија куќа во селото Глобочани, ќе биде реставрирана и претворена во музеј.

Според албанскиот претседател, поради потешкотиите со кои се соочуваат жителите на оваа општина,посебно невработеноста на младите,треба заедничка ангажираност бидејќи општината е една од оние која располага со најмногу природни богатсва и убавини.

Мета ја посети црквата „Свети Архангел и Михаил“ каде запали свеќи за здравје,од каде го честиташе денешниот празник Св.Наум, како и божиќните празници, по што во дворот изигра и македонско оро заедно со жителите на Пустец кои му приредија срдечен пречек.