Илија Димовски се жали дека нема никаква комуникација со новиот претседател на ВМРО ДПМНЕ

„Не сме консултирани, ниту, пак, сме повикани на разговор. Не сме поканети ни на седницата на Централниот комитет. Едноставно нема комуникација со новиот претседател“, изјави Димовски за МКД.мк, одговарајќи на прашањето дали ќе има место за старите кадри во Извршниот комитет пред денешното заседание на ЦК на ВМРО ДПМНЕ.

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој треба да ги предложи членовите на Извршниот комитет, деновиве, како што велат од партијата, имал консултации околу тоа кој да биде вклучен, а кој да биде изземен од најтесното партиско раководство. Неофицијално, според извори од партијата, во раководството нема да има место за повеќето од високите членови кои бараа одлагање на вонредниот партиски конгрес што се одржа во Валандово.

Димовски вели дека засега не може да ги коментира овие информации.

„Да почекаме да видиме што ќе се случи на вечерашниот Централен комитет. Неблагодарно е да се коментира предвреме“, додава Димовски.

Извор:МКД.мк