Интервју: Прогласена за дискриминатор заради негативна рецензија

Проф.д-р Катерина Тодороска редовен професор и научен советник во Институт за национална историја при УКИМ, е прва која добила решение од Комисијата за заштита од дискриминација дека извршила тежок облик на дискриминација како член на рецензентска комисија за оцена на научни трудови подготвени за предвремен избор во научно звање. Негативното мислење Тодороска го дала за трудовите на Стефан Влахов Мицов, кој според неа незаслужено како научен соработник влегол и на работа во Институт за национална историја.
Влахов Мицов на македонската историска и политичка сцена ,,блесна” пред десетина години, кога како штитеник на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, беше претставуван како дисидент дојден од Бугарија, прогонуван од тамошната власт, наводно заради неговата борба за македонското прашање. Сега, тој е член на неформалната група Македонски манифест и жестоко ја брани актуелната владејачка партија ВМРО ДПМНЕ. Претседател на КЗД е Александар Даштевски, кој исто така секојдневно може да се види или пак прочита со исклучително позитивна поддршка за политиките на истата партија.

1. Од неодамна и официјално бевте прогласена за дискриминатор од Комисија за заштита од дискриминација по поднесена пријава од Стефан Влахов Мицов. За што станува збор во пријавата?

Тодороска: Врз основа на поднесената пријава до Советот на јавната научна установа Институт за национална историја (ЈНУ ИНИ) беше распишан конкурс за предвремен избор на Стефан Влахов Мицов во повисоко звање. Со Одлука на истиот Совет бев именувана за прв член на Комисија за предвремен избор во звање, кој ќе ги прегледа и оцени трудовите на Стефан Влахов Мицов во последните две и пол години. Законските одредби кои се однесуваат на проблематиката бараат секој кандидат кој предвремено се избира во највисокото звање да има трудови од областа за која конкурира, да има значајни постигања и оригинални трудови во истата област. После неколкумесечен напор да се прочитаат писанијата на Стефан Влахов Мицов, а согласно законските прописи констатирав дека во неговите трудови нема ниту значајни постигања, ниту оригинални достигнувања во историската наука туку дека се работи за компилација која ни од далеку не е наука, а уште помалку историографија.
Со таквата моја констатација не се согласија останатите два члена и, наместо да напишат мислење поинакво од моето и сето тоа да се објави во Билтенот на УКИМ, одбраа една смешна формулација дека извештајот нема табела за бодирање на трудовите, при тоа превидувајќи дека јас сум напишала дека нема трудови кои можат да се бодираат како историографски. Периодот кој помина од изборот на комисијата до предавањето на извештајот беше законски покриен со сета докумантација. Токму во периодот кога барав да се објави во Билтенот на УКИМ подготвениот и од мене потпишан извештај се појавил Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и констатирал дека законски предвидениот период за подготовка на извештајот поминал и донесе решение за поништување на сите дејствија во врска со конкурсот за Стефан Влахов Мицов. Имајќи предвид дека во Билтенот на УКИМ, барем од ЈНУ ИНИ се објавени извештаи со многу подолг поминат период, останува прашањето што и кого ДПИ сакаше да покрие?
Советот на ЈНУ ИНИ постапи по Решението и ја поништи постапката и распиша нов конкурс, на кој се јави Стефан Влахов Мицов и му се избра нова, овој пат погодена Комисија.
Сето тоа, беше причина Стефан Влахов Мицов да поднесе пријава пред Комисијата за заштита од дискриминација која донесе мислење дека е дискриминиран во подолг временски период од моја страна. Наводите во мислењето на КЗД се исти како и неговите трудови, паушални.

2. Историјата на несогласување меѓу Вас и Стефан Влахов Мицов е од порано. Зошто реагиравте и при неговото вработување и при неговиот прв избор во виш научен соработник во ЈНУ Институт за национална историја?

Тодороска: Што се однесува до неговото вработување тоа беше чин за приказ бидејќи за сите други колеги се водеше законска постапка со целосна документација, но не и за него. А изборот во звање виш научен соработник беше посебна приказна. Јас бев член и во првата комисија за избор во звањето научен соработник, ама бидејќи ги барав документите кои беа потребни за изготвување на извештај, кои до денес не ги видов, бев сменета со една колешка која беспоговорно го потпиша извештајот. Изборот беше изведен во време кога, согласно законските прописи, Советот кој го избра немаше никаков легитимитет. Но, тоа правно беше ,,покриено” како од правникот на ЈНУ ИНИ и од ДПИ.

3. Дали некогаш се случило и дали воопшто постои некаде ваква одлука како во Вашиот случај, да бидете прогласени за дискриминатор заради негативна рецензија?

Тодороска: Апсолутно не, ниту јас ниту било кој мој колега. Сепак, претпоставувам дека „случајот Стефан Влахов Мицов“ е многу битен за некои значајни кругови во државава.

mislenje

4. Каква порака праќаат од Комисија за заштита од дискриминација и дали ова претставува упад во автономијата на Универзитетот?

Тодороска: Лично го сфаќам како упад во автономијата на Универзитетот, а бидејќи ЈНУ ИНИ е членка на УКИМ нам, како на професионалци, ни е оневозможено да ја работиме својата работа согласно позитивните законски прописи. Во таа смисла, искрено сум изненадена од содржината на „Мислењето“ на КЗД.

5. Документот од КЗД е потпишан од Александар Даштевски како директор на Комисија за заштита од дискриминација. Зошто сте изненадена од содржината на „Мислењето“ на КЗД ?

Тодороска: Моето изненадување произлегува од фактот што и Даштевски се претставува како човек од науката. Самиот факт што, веројатно, и тој ги поминал скалилата кои ги поминуваме сите во хиерархијата на научните звања е доволен да не го потпише така сроченото „Мислење“. Ова од причина што во подготвеното „Мислење“ нема ниту основа за дискриминација, ниту образложение како таа да се отстрани. Нормално, бидејќи нема дискриминација, нема ни отстранување. Затоа пак, целото образложение се темели на селективно доставени документи од страна на правникот на ЈНУ ИНИ до КЗД и на нејзина „слободна“ интерпретација за моето однесување кон Стефан Влахов Мицов. Но, нема ниту збор за незаконското работење на правникот во претходните години во однос на „случајот Стефан Влахов Мицов“.

6. Вие сте еден од ретките интелектуалци, научен работник и професор која реагирате јавно за неправилности и недоследности во работата на државни институции. Сепак, дали имате поддршка во фелата и од непосредните колеги?

Тодороска: Имам чувство дека во последниве 10 години нема никаква можност за колегијалност и заеднички став по било што. Еве како пример, ќе ги наведам проблемот со платите на научните работници во Македонија, потоа проблемот со неисплаќање на средства за минат труд на вработените во ЈНУ ИНИ, како и за немањето на проекти во науката. Оваа година после долгогодишната апстиненција од истражувања на вработените во ЈНУ ИНИ, добивме средства за истражувања кои со судни маки ги поделивме. И наместо да одат 6-7 души, благодарение на откажувањето на „скапите“ дестинации, успеавме да овозможиме повеќе колеги да одат на истражување во архивите на соседните држави.. Тоа се прашања за кои се зборува само во канцелариите, а освен мене никој нема проговорено јавно. Секако резултат на таквата молчеливост е постојаното омаловажување и понижување на науката во државата.

7. Како ќе ја оцените состојбата во образованието и науката, посебно во високото образование?

Тодороска: Високото образование речиси и не постои. Постојат само институции, професори, студенти. Но, не и знаење. Имам чувство дека во денешниве генерации има поединци кои сакаат да учат и да се надградуваат, но нивната жед за знаење брзо спласнува на факултетите. Но, најчесто тие продолжуваат сами да се надградуваат и да копаат по интернет за дополнителни знаења. Но, повеќето од студентската популација бара лесен и брз начин за добивање на диплома, а знаењето е нешто како непотребна категорија која не мора да ја понесат по излегувањето од факултетот. Професорите кои бараат знаење се избегнуваат од страна на студентите, а оние професори кај кои се поминува со минимум знаење, се најбарани. Особено ако предметот е изборен.
Науката е посебна приказна, доведена до многу жална положба поради несоодветните партиски комбинаторики во однос на изборот на несоодветни кадровски решенија за високи позиции во Министерството за образование и наука. За разлика од соседните држави, кај нас нема основни средства за извршување на примарните обврски на научниот кадар. Во иста состојба, како историографијата, се наоѓаат и другите општествени, хуманитарни и природни науки. На сето тоа кумува тивкиот глас на вработените во науката, а приказната за кубурата закачена на појасот, катадневно е практикувана.

Емилија Лазаревска