Интервју со Емил Крстески:Постојана игра со сонот и јавето

 

Разговор со Емил Крстески по повод објавувањето на збирката раскази „Три дена во Париз“, разговорот го направи Бранка Костиќ-Марковиќ

 

–   Неодамна на македонскиот книжевен простор, а во издание на „Или-или“ се појави книгата раскази „Три дена во Париз“ од Емил Крстески. По серијата обемни публикации на авторот од областа на надворешната политика, што е и негова тесна специјалност, и по бројните новинарски текстови и неделни коментари и анализи на актуелните општествени состојби, тој со оваа збирка раскази го прави својот прв и несомнено успешен белетристички чекор. Петнаесетте приказни од „Три дена во Париз“, како што ќе забележи академик Катица Ќулавкова во поговорот на збирката, ја отвораат книгата расказ по расказ, во сета нејзина посебност и препознатливост и пленат со својот урбан амбиент, со хронотопот на ’белиот свет‘ доловен низ призмата на егзистенцијални ситуации во Њујорк, Патерсон (Њу Џерси), Лондон, Бирмингем, Ливерпул, Бесансон, Париз, Стразбур.. Книгата патува од Скопје и Прилеп до Мексико, но секаде, во секое од тие ’места‘, раскажувачот се чувствува ’како дома‘.

Согласни сме и ние со констатацијата на Ќулавкова дека овие раскази имаат посебен урбан шмек заради нивната изворност, лична обоеност, лежерност, симпатичност, раскази кои нудат сугестивни прошетки низ градскиот живот и кои ни го доловуваат оној мирис, изглед, амбиент, расположение на нашиот град Скопје, но и на „белиот свет“ виден низ очите на еден современ човек. Освен тоа, низ приказните провејувааат и музички и сликарски нишки, коишто се составен дел од комплексниот хабитус на авторот, што му дава уште една дополнителна убавина и слоевитост на ова ново четиво.

Бездруго, како што ќе поентира академик Ќулавкова, долго време македонскиот современ расказ, оној на 21 век, имаше потреба да се ’урбанизира‘ без да биде ’постмодернистички‘ наметлив и вкалапен, а расказите на Емил Крстески, ете, се вклопуваат токму во тој мозаик. Мозаик на којшто му недостигаат уште вакви изворни, лично обоени, речиси автофикциски, ама лежерни, симпатични, сугестивни прошетки низ градскиот живот. Живот кој се стреми егзистенцијата да ја соочи со есенцијата“.

 

П:Досега имате објавено шест книги од областа на надворешната политика и меѓународните односи, публикувано редица новинарски текстови, анализи, осврти во дневните и неделните печатени гласила… Од каде поривот за ваков книжевен израз, каков што е оној во збирката раскази „Три дена во Париз“? Како гледате на ова ваше прво белетристичко остварување, штотуку објавено?

 

Е.К.-Раскази пишувам од гимназиски денови. Некои сум ги објавувал, некои сум ги праќал некому, а некои останале само мои. Пишувањето ми е животна определба и со самиот избор на професијата – новинар. Подолго време бев во мисла дали воопшто да ги објавам расказите во збирка или поединечно како досега, низ весници и списанија. За овој чекор ме охрабрија рецензентите, академик Катица Ќулавкова и професор Александар Прокопиев, кои имаа неподелено мислење дека тие треба да бидат претставени пред јавноста интегрално, во една целина. Оттука, и кај мене и кај издавачот „Или-или“ немаше двоумење дека треба да издадеме книга. Ете, така тргнаа приказните на своето патување, како воз со петнаесет вагони во освојување на нови непознати предели. Откако ги предадов расказите за печатење, во истиот миг се ослободив од нив и тие сега живеат надвор од мене. Сега, откако им ги дадов на читателите, ниту мислам на нив, ниту на кој било начин се оптоварувам со нив. Во главата имам уште многу приказни, а и секојдневието носи многу случувања кои можат да бидат инспирација за нови раскази. Објавувањето на оваа збирка го гледам само како дел од моето реализирање во областа на уметноста.

 

П:Иако секој расказ си е засебен свет, читателите ќе забележат, како што тоа впрочем го забележува и Ќулавкова, дека вие ‘меѓу редови’, меѓу расказите испишувате една внатрешна приказна, еден расказ меѓу расказите, еден супер-расказ, кој ви го легитимира авторскиот идентитет, но ни ја дава и таа слеаност, па целата збирка се чита во еден здив. Дали така и ги пишувавте расказите?

 

 

Е.К.-Повеќето од овие петнаесет раскази ги создадов во последниве две години. Само неколку од нив се пишувани пред десетина години и нив малку ги преработив, ги дооформив, а неколку, пак, отпаднаа од изборот и ќе чекаат некоја нова шанса. До последен момент, додека не го предадов ракописот за печатење, расказите постојано ги препрочитував, ги коригирав и мислам дека тие ја добија онаа посакувана смисла и форма која ја дефинира поентата и пораката што сакав да ја испратам до публиката. Приказните навистина имаат логичен редослед, до кој, искрен да бидам, дојдов на крајот од пишувањето, зашто пред тоа не размислував за тоа, и можеби поади таквата логичност тие оставаат впечаток на нераскинлива низа од кратки форми кои „живеат“ заедно. Всушност, тоа е оној супер-расказ кој го препознава Ќулавкова, а кој верувам дека ќе го „видат“ и читателите.

 

П:-Расказите „на прва“ делуваат емотивно, достапно, реалистично, непретенциозно, комотно, но вие многу суптилно знаете да ја „нарушите“ таа удобност и да не „занесете“ во неочекуван правец.  Вешто си играте на толку мал раскажувачки простор и со фрагменти од сеќавањата и од сегашноста, од имагинацијата и реалноста, мешајќи го својот со туѓите животи, скопскиот дух со амбиентите на светските метрополи. Тој алхемичарски пристап ги брише границите меѓу сонот и јавето, меѓу вас и нас.  Каде можеме да ги сместиме вашите раскази во рамките на целокупното творештво од овој жанр?

Е.К.-Па, да. Имате право. Главно ова се емотивни, би рекол, поетични раскази кои веројатно ќе го понесат читателот на патување меѓу фикцијата и стварноста и кои ќе ја наметнат дилемата каде навистина почнува фантазијата, а што ја дефинира стварноста? Точно е дека тоа се емотивни и само навидум реалистични раскази низ кои се забележува постојаната игра на сонот и јавето, нешто што сакав да биде и еден од главните белези на оваа збирка. Има описи и ситуации кои се многу реални, би рекол, хипер-реалистични, но има и такви кои се далеку од стварноста, па читателот може лесно да се најде на крстосница на која не ќе знае што е вистина, а што не и ќе се запраша: Дали ова што е раскажано е вистина или не? Така, една моја драга колешка, откако ја прочита книгата ми рече дека она што е опишано во расказите, особено некои настани, состојби и емоции, не би можеле да бидат фикција, тие мора навистина да се случиле, мора да биле доживеани и преживеани! Мора да поминале низ мене. Дури, импресионирана од некои опишани сцени ме праша: „Кажи ми, те молам, дали е тоа вистина? Дали ти се случиле „тие и тие“ работи?“ Од една страна ми беше драго што расказите врз неа делувале мошне убедливо, а од друга страна ми беше и малку непријатно, зашто не знаев како да и одговорам. Само и реков дека ако и кажам оти деведесет проценти во расказите е лага – таа сигурно ќе се разочара, но и дека ако и кажам оти деведесет проценти во нив е вистина, исто така, може да се разочара. Како и да одговорев, ми се чини дека ќе и ја нарушев сликата која што самата си ја создала со читањето. Конечно, толкувањето на расказите не е својствено за авторите. Расказите се дел од публиката и таа треба да си создаде свој свет по секој прочитан расказ. И нивната визија за вистината да биде конечната вистина. А јас ќе бидам среќен доколку кај читателите се избрише, како што велите, границата меѓу сонот и јавето, меѓу мене и вас, што воопшто не значи дека овие раскази може да се наредат во жанрот – научна фантастика. Во нив, сепак, во основа, се зборува за обични нешта и односи меѓу луѓето, за љубов, за осаменост, за бегство и враќање, за исчезнување и присутност во нашиот живот, за надеж, за потрага по смислата на нашето постоење, и сето тоа можеби во една невообичаена раскажувачка форма.

 

За Ако.мк Бранка Костиќ-Марковиќ