Најмалку 1, 9 милиони жители без струја

Ураганот Ирма го истури бесот во Ки Вест во Флорида со пороен дожд и силни ветришта и зад себе остави пустош како на карипските острови.

Сега е ураган од категорија 4, а Националниот центар за урагани објави дека генерира ветришта од 215 километри на час.

Патеката на движењето на опустошувачкиот ураган сега е во правец на Неплс и Форт Мајерс и оди директно на градот Тампа. Засега, најпопуларниот туристички град во Флорида, Мајами, не е на патот од Ирма, зашто ураганот сега заврте долж западниот дел на Флорида.

Најмалку 1,4 милиони жители  се без електричка енергија.

Гувернерот на Флорида, Рик Скот изрази загриженост за западното крајбрежје на јужната сојузна држава. Потсети дека во Флорида се уште е во сила вонредна состојба и ги повика жителите да носат добри одлуки ако мора да бидат на улица.

ФЕМА проценува дека најлошо сценарио ги очекува неколку општини долж западното крајбрежје на Флорида.

75.000 жители се распоредени во 400 засолништа за итни ситуации.

Градот Тампа не бил директно погоден од ураган речиси еден век.

Претседателот Трамп и неговиот Кабинет синоќа се сретнаа во претседателскиот ресорт Камп Дејвид во сојузната држава Мериленд и дискутираа за ураганот Ирма.

Преку Tвитер, претседателот ги поздрави спасувачките акции на ФЕМА и на другите федерални агенции и ги повика граѓаните да ги почитуваат инструкции од нив за време на ефектите од ураганот.

Ирма, досега однесе 24 животи и остави стотици илјади луѓе без своите домови откако ги погоди Куба и Карибите. Досега е најголемиот ураган на Атлантскиот океан и една од најсилните тропски бури во изминативе декади.

Ураганот Ирма веќе е бура која ќе влезе во книгите за историја. Експертите ја нарекуваат „најмоќната Атлантска бура“ досега снимена.

Невремето го растури островот Барбуда, оставајќи го „едвај погоден за живеење“, рече премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Браун.

„Она што го видов беше трогателно. Мислам, апсолутно катастрофално“, рече тој во четвртокот. Околу 95 проценти од сите згради на островот биле уништени или оштетени.

На островот Сент Мартин, што им припаѓа на Франција и Холандија, „многу луѓе едноставно талкаат бесцелно бидејќи немаат повеќе домови и не знаат што да прават“, изјави еден новинар за локалната радио станица.

Можеби ќе поминат и шест месеци додека не се врати електричната енергија насекаде во Порторико. Сведоците велат дека жиците лежат на улиците или висат од столбовите.

Претседателот Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во Порторико. Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе ги координира расчистувањата и олеснувањето.

Извор:Глас на Америка