И Таравари изрази сомнеж дека Ахмети и ВМРО ДПМНЕ стојат зад обидот за ликвидација на Села

Во интервју за ТВ 24, кандидатот за градоначалник за Гостивар, од Алијанса за Албаци, Арбен Тараври, го повтори сомнежот искажан од неговиот лидер дека зад обидот за физичка ликвидација на Зијадин Села стојат Али Ахмети и ВМРО ДПМНЕ.

Тој рече дека немаат доказ за тоа, но имаат основани сомневања, бидејќи кобната вечер Ахмети воопшто не бил во Собранието. Се сомневаат дека тој знаел што се подготвува како сценарио. Претходно истото тврдење го изкажа и Села.

На ова реагираше Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека е многу разочаран и вознемирен што лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, го посочил него дека тој е нарачател на обидот за убиство на Села на 27 април во собранието.

-Многу сум разочаран поради погрешната страна што ја одбра Зијадин Села и би сакал тој да има поконструктивен пристап во правец на процесите. Села не е подготвен за големи процеси. Уште повеќе сум вознемирен од вчерашната изјава на Села дека Ахмети и ВМРО-ДПМНЕ се организатори на неговото физичко елиминирање, за потоа да го елиминираме и политички. Би сакал Села да биде поконструктивен, рече Ахмети на денешната средба со новинарите.

„Додека Беса коалицира со ВМРО, и Зијадин Села ме обвинува мене како организатор на 27 април, ми се чини дека постои целосна девалвација на човечките вредности во тој правец. Ова го кажувам со жалење, и сум премногу разочаран, но од вчера, и вознемирен“, рече Ахмети.