Каква порака прати Груевски кон Заев повикувајќи го Ќосето да ја заврши работата?!

 

 

,,Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек,, -рече Никола Груевски од митингот во Делчево праќајќи му порака на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој на митингот од истиот град се повика на Гоце Делчев.

Груевски говорејќи на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, потсети на обраќањето на Зоран Заев на митингот на СДСМ пред неколку дена во истиот град, кога Заев се повика на Гоце Делчев.  Груевски нагласи дека Заев се потпира на албанската дијаспора, односно дека Заев „се обврзал дека ако тие му помогнат да дојде на власт тој ќе им помогне да си ги реализираат проектите за двојазичност на цела територија, промена на Устав, уривање на рамките на Рамковниот договор, кантонизација и така натаму“.

-И тој дојде овде во Делчево и зборува, да станел Гоце Делчев, што ќе кажел за нас како Влада, која што изгради толку многу работи, која што привлече толку многу инвеститори, која даде толку многу енергија, сила, помош на земјоделците во Македонија и редица други работи. Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој нема ше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек- му порача Груевски на Заев.

Досега ова е најсериозен вербален инцидент во изборната кампања. Доколку се анализира пораката на Груевски во која тој го повикува Ќосето да ја заврши приказната со Заев, може да се заклучи дека тој повикува на физичка ликвидација, затоа што овој лик од историјата е познат по многубројните ликвидации што ги има направено над соселаните, тие што ги сметал за предавници, но и сопствениот брат .

Андон Ќосето бил еден од најпознатите терористи на ВМРО во првите години по нејзиното формирање. Колку луѓе убил по налог на организацијата тешко може да се каже. Ако се суди според тоа што самиот го раскажува во своите спомени, станува збор за повеќе десетици. Живеел сто години и убил сто луѓе. Ликвидирал Турци, гркомани, србомани, но и предавници на организација. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот го испраќале Ќосето. Често убивал и од свој ќеф, а еднаш кога посегнал по животот на двајца попови – прогрчки и бугарски, и еден учител, Јане Сандански му испратил остро писмо и побарал да престане да убива попови и учители зашто ќе му требаат на македонското дело. Ќосето го ликвидирал и сопствениот брат, кога турската потера во потрага по него ќе го земе со неа во Солун за да им открие каде се криел.

Најпознатиот терорист на ВМРО се гледал и се знаел со сите најпознати македонски револуционери. Го возел со пајтон првиот претседател на револуционерната организација, д-р Христо Татарчев, кога одел во посета на пациентите во Солун, а само на Даме Груев му го кажал местото каде е роден и му се заканил дека ќе го убие ако ја открие тајната. Бил и меѓу комитите кои ја држеле во заложништво Мис Стон и тој лично ја оставил во Струмичко откако бил платен откупот. Често примал наредби и од Гоце Делчев и од сите македонски револуционери него го почитувал најмногу, пишува меѓу другото во историските документи за Ќосето.

ВМРО ДПМНЕ неговиот споменик со кама во рацете го постави пред комплексот судови во Скопје.

 

АКО.МК-актуелно-објективно