Како е да се биде Груевски

 

 

Сакам да ги прашам луѓето кои работат како новинари во информативните програми на Канал 5, Сител, Алфа и ТВ Нова, се разбира и во јавниот сервис МРТВ, како е да се биде новинар во овие тв куќи во изминатите десет години владеење на Никола Груевски? Дали може без грижа на совест да кажат дека работат професионално, без притисоци, без нарачани текстови и без закани? Дали сметаат дека начинот на кој ја известуваат јавноста во изминатите години е во согласност со правилата на професионално, објективно и независно новинарство? Дали се задоволни од своето работно место, од платата, дали сите се наградени соодветно според својот труд и залагање и дали новинарството што тие го практицираат таму е тоа за што се залагаат и за што ќе се залагаат и во иднина?

Дали кога одат на настани на кои се присутни функционери на ВМРО ДПМНЕ, посебно Груевски, поставувале прашања што се од општ интерес за сите граѓани и зошто не? Дали поставиле прашање што не им било однапред сугерирано или нарачано од нивните уредници? Дали, дури и ако прашале токму тоа што треба, потоа тоа им било пуштено на програма и ако не, зошто не успеале да се изборат за тоа? Дали имаше договор меѓу новинарите од провладините медиуми во минатото, кога беше премиер Никола Груевски, да бомбардираат со афирмативни прашања за него лично и политиките што ги води, за да оневозможат прашања од наши новинари од тимовите кои ги предводевме тогаш? Колку пати пресностасани новинари им се обратиле на свои далеку поискусни колеги со презир зошто поставуваат прашања кои може да го изнервираат вождот?

Дали се согласувате со уредувачката политика на медиумите во кои работите? Дали некогаш сте го кренале гласот против пропагандата што ја спроведуваат вашите главни и одговорни уредници во содејство со Мартин Протуѓер, Гордана Јанкуловска, Илија Димовски и сега во поново време Иво Котевски? Сето тоа инспирирано лично од Никола Груевски. Дали сметате дека тоа е во ред и дали сметате дека тоа е иднината на македонското новинарство?

Дали мислите дека Билјана Трендафилова, која се декларираше како прв човек на ТВ Нова е во право кога вели дека е загрозена слободата на медиумите, дека целта на СЈО и СДСМ е да се уништи медиумот во кој таа раководи, дека Тв Нова е професионален медиум и дека тоа им пречи на обвинителите од Специјално јавно обвинителство?

Дали мислите дека СЈО го гони Сеад Кочан заради телевизијата чиј сопственик е тој или заради злоупотреба на својата позиција како сопственик на ,,Трансмет“ кој во изминатите години преку јавни набавки и договори во 4 очи инкасирал 84 милиони евра од буџетот на РМ?

Дали мислите дека Кочан со денови е во бегство и е недостапен на органите на прогонот заради доброто работење на Тв Нова или заради сериозен криминал за кој му е одреден притвор и треба да одговара ?

Дали мислите дека беше во ред повикувањето на аналитичари на копче , среде ноќ, да зборуваат токму на К5 дека телевизијата на Велија Рамковски е дувло на криминал и хушкавте и ликувавте таа да се затвори? И како тогаш не требаше да се прави разлика меѓу медиум, во кој работеа ваши колеги кои сега се свртени против свои колеги и проневерите кои Рамковски ги правел со другите свои фирми кои се занимаваа со трговија и други дејности, а сега треба?

Дали сметате дека е новинарство прогласувањето непријатели и платеници меѓу колегите, лажење, криење на фактите, примање нарачки за нечиј отстрел, измислување, спинување, манипулирање на јавноста?

Дали сте ги слушнале ,,Бомбите“ и разговорите меѓу функционерите од ВМРО ДПМНЕ и делумно ДУИ и што мислите за тоа?

Што мислите за изјавата на Мартин Протуѓер-А војна да имаме? На Никола Груевски-Му тече низ ногавици. На Гордана Јанкуловска- Кажи и да не се занесува ќе ја избркаме од работа(тука мисли на ваша колешка од МТВ).

Што мислите за разговорот на Мијалков со Сафија околу таа што и го пушела на Лидија Неделкова и и подарувала Сваровски ѓердани?

Што мислите за началничките разговори на Латас, куртонските вести, пештерата и милионите на Ивона.

Дали мислите дека со новинарската професија може да се биде богат како Латас?

Слушнете ги сите бомби што се објавени досега, и ако делата што произлегуваат од нив и за кои има материјални докази не се за на суд, тогаш продолжете да ги поддржувате за трошките што ви фрлаат.

Овие прашања и уште многу други, заслужуваат одговори. Ако си одговорите на нив , искрено, ќе разберете зошто ни е тешко да ви дадеме јавна поддршка. На тој начин ќе поддржиме уредувачка политика која се темели на манипулации, невистини, лажирање, измислување, свесно доведување на јавноста во заблуда заради лични цели и интереси и заради лично енормно богатење. Ќе ги поддржиме сопствениците на овие медиуми кои и самите се предмет на интерес на СЈО и кои задскривајќи се зад медиумите во кои вие работите, а некои ваши колеги одработуваат, свесно ја лажат македонската јавност. Ќе поддржиме сопственици кои станале едни од најбогатите и најверните тендер клиенти на владата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Ќе поддржиме пропагандни центри кои згазија илјадници човечки судбини , а се во интерес на неколку десетици луѓе, организирани криминални групи на разни нивоа во државата, кои го злоупотребуваат буџетот што го полнат граѓаните. Ќе поддржиме и такви новинари меѓу вас кои дозволуваат да ги шетаат како вреќи компири од медиум во медиум, според потребите на ВМРО ДПМНЕ.

Затоа, не ме интересира –Како е да се биде Никола Груевски во изминатиот период, посебно во последните неколку месеци. Тој дури ја извитопери и познатата израелска клетва- Да имаш, па да немаш. Не е поговорка, туку клетва Никола, па уште вели Никола –Да даде Господ да живееш во историско време. Нема таква поговорка Никола. Ти сакаш да мислиш дека ќе бидеш значајна историска личност. Исто како што некогаш мислеше Слободан Милошевиќ. И исто како што некогаш тој се криеше зад сукњата на Мира и на народот. Ти се криеш зад нечија друга сукња и нечиј друг народ. Прашајте го народот на Милошевиќ зошто денес се срами од него и зошто забораваат дури каде му е и вечното пребивалиште?

Народот се заблудува, но и освестува Никола. Така да си знаеш.

Ако после се, некого уште го интересира –Како е да си биде Никола Груевска и не се срами да постави такво прашање, тогаш ние сме на различните страни од медалот. Едната се вика новинарство, другата пропаганда.

Првата се наоѓаше на трисет и четвртото место по слобода на новинарството, втората на 134 место.

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА