Академик Владо Камбовски реагираше на колумната на Љубомир Д. Фрчкоски со наслов „СДСМ-овска Филимена“ објавена на порталот Либертас.

Тој, меѓу другото, го нарекува личност со фрустрации и комплекси, со болна, но неостварена амбиција да влезе во најпрестижната научна иниституција.

,,Навредите кон МАНУ се негова константа (претворена во опсесија на целиот „лумпен-интелектуален“ круг околу него). Кога се работи за лични фрустрации и за комплекси, последица на неспособноста за влез во нашата најавторитетна институција (зошто, ако не е таква, и тој и други негови колеги би се труделе толку да ја омаловажат!), помош нема. Едноставно, до крајот на животот дотичниот ќе си живее со маката што ја создава неговата неостварлива болна амбиција!“-вели Академик Камбовски.

Во неговиот одговор кон колумната на Фрчковски, се вели:

,,Фрапиран од количината на злоба и беспримерни лаги изнесени во текстот објавен во овие портали под горниот наслов, сметам дека е неопходно и нивните читатели, а и пошироката јавност, да бидат запознаени со определени релевантни факти: како осуда на злоупотребата на јавната реч, како реакција на навредите и клеветите изнесени во текстот, конечно како барање за извинување, чиешто пропуштање повлекување повикување на граѓанско-правна одговорност пред судот.

Основен е тој дека негов повод е моето наводно именување за Претседател на Стратешка (белки комисија!) на Владата, нешто што јас ДО ДЕНЕС НЕ СУМ ЗАПОЗНАЕН ДЕКА СЕ СЛУЧИЛО и за што не ми е презентиран никаков службен допис или акт. Ако се побара од мене некаков ангажман, согласно мојата граѓанска и професионална должност, ќе оценам во зависност од моите други обврски, можности и време, што може да прифатам.

Потпишаниот знае, а јас не, дека сум именуван за „ПС“, што му е повод да ме дезавуира, веројатно, сметајќи дека така ќе се (само) кандидира за клучен актер на идните програмски зафати на Владата, со идеолошки, морален и политички профил и интегритет што го одликува конзистентност на една криминогена амеба, формирана низ службувањето на Глигоров, Црвенковски, Георгиевски-Димовска, Бучковски и неуспешни обиди да стане подопашник на Груевски.

Се поставува прашањето- како авторот на колумната дознава за одлуките во Владата. Што е тој и што сака да биде? Нејзин ментор? Супервизор? Или е некој што си придава право да држи секому и секаде лекции, без да има каков и да е легитимитет, освен оној што му го дава бескрајната дрскост, екстремниот егоизам  и вродената омраза, со коишто во целиот изминат период на транзиција го контаминира медиумскиот простор со тежок радиоактивен отпад. Човечево сигурно смета дека таквата негова положба на цензор ја има извојувано со „заслугите“ за неговите поранешни политички активности, на кои со купишта аргументи може, ако сум предизвикан, да се осврнам во некоја друга прилика. Доволно е овде да ги споменам бројните кривични пријави за злоупотреби и кривични тужби, како и стекнатата способност на политичка јагула на овој знаменит јунак на македонската транзиција,  самоделски создаден како апсолут на неморално, користољубиво и криминогено битие (затоа бега од самото споменување на законот како „ѓаволот од крстот“!), од одговорност да се извлекува со агресивни напади или ветувања кон новите власти (во стилот: „отсега ќе работам за вас“). Сега изгледа, со селска остроумност (две муви со еден удар! Пардон, не преку мене!), се обидува скапо да го продаде на новата власт побарувањето за апсолутна послушност спрема него врз основа на самовообразената клучна улога на незаменлив „идеолог, промотор и личен носител“ на демократските промени и „спасител на нацијата“ (видете само со каква надменост му се обраќа на премиерот, именувајќи го како „Зоки“, небаре играл ашици со него!).

Навредливите ставови на оваа опскурна личност не може да засегнат, напротив, земајќи ги како контрапункт на исправното- само ве зацврстуваат во уверувањето дека сте на вистинскот пат. Особено ни мене, ни кој било друг од научната фела може да го тревожат неговите оценки за тоа дали сум научник или не, колкаво и какво е моето знаење итн. Кога тие доаѓаат од човек кој е, за жал, редовен професор на правни студии, а не е и не може во Одборот за акредитација и евалуација да биде акредитиран за ментор на докторски студии, зашто нема никаква релевантна научна продукција, работата е сосема јасна. За науката има вредност на „поништена таксена марка“ човекот кој смета (арно велеше Цепенков: „има многу филозофи што станале гоедари, и многу гоедари што станале филозофи„) дека врвното знаење е содржано во неговите (добро платени) колумни, пишувани според политичката потреба на денот и моменталната финансиска потреба на авторот.

Сега за безочните лаги, чиешто недокажување, може да го погоди авторот на колумната таму каде што најмногу го боли- по џепот!

Ординарна лага  (број 1) е дека сум „го казнил“ колегата Ѓ.Марјановиќ (алудирајќи на настани од крајот на 70.години на минатиот век).

Исто таква лага (број 2) е дека сум се „нацицал од крвта, парите и лигавењето со режимот на ДПМНЕ единаесет години“ (потребно е малку да чита, а не само да измислува глупости, и да ги прочита барем моите „Беседи“ објавени на крајот од 2015 година, во кои на околу илјада страници се содржани сите мои јавни обраќања и написи како претседател на МАНУ со прецизни гледишта во однос на карактерот на поранешниот авторитарен режим, политичката криза и патиштата за нејзиното надминување). Ако макар успее да прелиста дел од моето научно творештво, ќе мора да се соочи со објективната вистина дека не сум служел ни на една власт или политичка гарнитура и дека кон секоја, вклучувајќи ја и последната пред изборите, сум имал и имам јасни и научно аргументирани критички ставови. Каков што однос задржувам и кон новата власт. Сум служел, служам и ќе служам единствено на правната наука, а тоа што таа се занимава и со законите и институциите на правото со кои авторот на колумната често е во судир, тоа е негов личен проблем.

Безочна лага (број 3) е тврдењето дека сум имал каков и да е спор за клевети и навреди со А1 Телевизија (како во времето кога му служеше на СДСМ, така и во времето кога беше во служба на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините полициски инсталации).

Лага (број 4) е дека мое дело е декриминализацијата на злоупотребата на одговорно лице (ако има малку познавања од правото, треба да знае кој и како го донесува Кривичниот законик).

Лага (број 5) е тврдењето дека се мои идеите за „реформите“ што се состојат во казнување лица што превезуваат мигранти и воопшто третманот на мигрантите (каков е тој професор по Меѓународно јавно право којшто не знае што е предвидено во меѓународните конвенции за криумчарење на мигранти и во прописите на ЕУ за миграциите и третманот на емигрантите, чиешто почитување е еден од условите за дадениот безвизен режим за граѓаните на Република Македонија).

Лага (број 6) е тврдењето дека „дефиницијата на делото на омраза“ во КЗ е погрешна (требало да се распраша кога и како е таа внесена во КЗ, по иницијатива на ОБСЕ, какви се ефектите од примена на законот, каква еволуција доживеа тој поим и што сега се работи на унапредување на целиот концепт, заедно со ОБСЕ. Патем, не знам кој е тој друг „кој знае“, дали можеби мисли на себе? Не сум видел дека објавил некаков научен или стручен труд на таа тема).

Лага (број 7) е тврдењето за „наложување со директна наредба“ на Архивот на МАНУ да се отвори архивата на Колишевски за лустраторите (одлуки за ставање на увид на одделни документи од архивските фондови донесува Архивски одбор на МАНУ, а не нејзиниот претседател; но редно било да се запраша како тоа Законот за лустрација, и покрај нашето противење, беше донесен едногласно од сите парламентарни групи во тогашното Собрание!)“-се вели меѓу другото во одговорот на Камбовски на колумната напишана од Љубомир Фрчковски, објавена на порталот Либертас.