Кандидати за најдобар фудбалер на светот: Роналдо, Суарез, Меси …

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) објави листа од 23 кандидати, кои влегле во потесен избор за најдобар фудбалер на светот за тековната година.

Во „одбраното друштво“ се најдоа по десет фудбалери од Премиер лигата и Примера, двајца од Бундеслигата и еден од Серија А.

Главен фаворит за освојување на оваа престижна награда е Кристијано Роналдо.

Португалецот во 2016 година најнапред ја освои Лигата на шампиони со Реал Мадрид, а потоа и со националниот тим се закити со златен медал на шампионатот на Европа.

На листата од 23 кандидати, покрај Роналдо, се најдоа и Серхио Агуеро, Герет Бејл, Џанлуиџи Буфон, Кевин де Брујне, Антоан Гризман, Златан Ибрахимовиќ, Андреас Иниеста. Нголо Канте, Тони Крос, Роберт Левандовски, Ријад Марез, Лионел Меси, Лука Модриќ, Мануел Нојер, Нејмар, Месут Озил, Дмитри Паје, Пол Погба, Серхио Рамос, Алексис Санчез, Луис Суарез и Џејми Варди.

Титулата најдобар фудбалер на светот ќе ја понесе фудбалерот кој, после комбинирано гласање, ќе биде најдобро оценет.

Во првиот дел од гласањето фудбалерите ќе ги оценуваат капитените и селекторите на националните тимови ширум светот, додека во преостанатите 50 проценти од гласањето, „жирито“ ќе го сочинуваат преку 200 претставници од светските медиуми, но и љубители на фудбалот кои ќе гласаат преку онлајн анкета.