Кардиологот Бакрачески прераспределен на работно место наменето за медицинска сестра

Поранешниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, откако се вратил на своето работно место  во Кардиолошкиот завод „Св. Стефан“, добил решение кое по стручна квалификација е на ниво наменето за медицинска сестра.

Новинарот Бранко Героски, во својата последна колумна го постави прашањето кому му е во полза ваква деградација на познатиот кардиохирург?

,,Неодамна слушнав дека новото раководство на Заводот, избрано од партијата на власт, упорно и на различни начини го шиканира Никола Бакрачески, во очигледен обид да го избрка од оваа медицинска установа. Вчера, пак, дознав дека човекот и официјално добил решение, според кое неговата нова работна задача ќе биде да реди холтери. Како медицинска сестра! Ново, веројатно последно во низата понижувања од реваншистички побуди.

Повторно ќе нагласам – немам никакви посебни причини да бидам на страната на Бакрачески, уште помалку на страната на партијата што го држеше на власт во Охрид еден мандат. Сигурен сум дека тој има многу слабости, какви што имам и јас. Но, не можам да издржам, а да не се бунтувам против овој, со ништо непредизвикан, безочен и малоумен реваншизам.

Зошто ви пречи кардиологот Бакрачески, другари? Што мислите дека постигнувате со ваквото однесување? За кратко време, можеби човекот можете да го повредите и да го понижите, но неговата стручност, неговите знаења и неговата репутација на добар кардиолог, нема да успеете да му ги земете. Што добива новата власт, што добиваме ние, граѓаните, ако Охрид изгуби еден добар кардиолог, ако Бакрачески реши да се спакува и да си замине да работи некаде на друго место?“-напиша Героски во својата колумна.

Според сознанието на Макфакс, актуелната директорка Гордана Донеска го прераспределила Бакрачески од салата за интервнции на срце во одделението за срцеви аритмии, кое е најниско одделение по хиерархија, кадешто се се вршат кардиолошки прегледи. Позицијата што  ја добил Бакрачески е на ниво на медицинска сестра, пишува Макфакс.

Никола Бакрачески во изјава за „Макфакс“ вели дека нема да се жали на оваа одлука, потенцирајќи дека тој се повлекол од градоначалничката функција за да се врати на неговата примарна професија и создавање услови за иден развој на кардиологијата во регионот.

„Јас нема да ги коментирам политиките на актуелниот директор на Заводот и причините за ваквата прераспределба на кадрите и организациската поставеност, но само можам да потврдам една вистина, а тоа е дека за време на моето раководење на оваа институција во период од 2006 до 2013 никогаш и во ниеден момент не се случило кадрите да бидат вработувани, да бидат именувани или унапредувани на позиции според партиската припадност, туку исклучиво само и само според степенот на своите знаења и квалификации, вештините што ги поседуваат и капацитетот да раководат со одделни одделенија. Тоа се однесува и на добивањето можности за специјализации и супспецијализации, едукации во странство, усвојување нови методи и постапки. Тоа може секој да го потврди“, вели Бакрачески за „Макфакс“.