Клучниот сведок за ,,Сопот“ тврди дека бил мачен од инспектори на МВР

„Бев малтретиран и мачен и психички и физички и на секаков друг начин. Лицата на оние кои ме сослушуваа нема никогаш да им ги заборавам“, рече Рамадан Бајрами, клучниот сведок во случајот „Сопот“, кој денеска првпат јавно проговори пред новинарите за неговото сведочење на кое се темелеше пресудата за овој случај. Тоа сум го рекол 101 пат, повтори Бајрами. Тој изјави дека кога се случил настанот тој не бил присутен во Македонија. „Кога се случи случајот јас воопшто не бев присутен во Македонија. Имам печат на пасошот. Докажано е дека не сум бил во Македонија“, рече тој.

Бајрами и порано пред судот раскажуваше како го мачеле десетина цивили, а инспектори од кумановската полиција го тепале. Потоа му покажале нацртана скица за настанот и имињата на осомничените кои наводно ја испланирале експлозијата, и побарале од него да ја прецрта со негов ракопис.  На судот сведокот тогаш му ги покажа раните и дупките на телото, кои, според него, ги добил од малтретирањата во 2003 година.

Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција во мај изјави дека исказот на сведокот Рамадан Бајрами, на кој доказ се изведени сите пресуди во случајот е изнуден исказ. Фетаи тогаш рече дека МВР и службени лица извршиле кривично дело тортура врз сведокот.

Во еден од прислушуваните разговори, кои ги објави СДСМ, има разговор меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, за случајот „Сопот“. Според снимката, Јанкулоска му сугерира на Мијалков дека за случајот треба да биде консултиран и тогашниот премиер Никола Груевски, за да се види како да се продолжи со овој чувствителен случај, при што и двајцата признаваат дека претходната пресуда со која беа осудени обвинетите, се потпира на „тенки докази“.

11 жители на кумановското село Сопот, се осудени дека во 2003 година поставиле мина која експлодирала, при што загинаа двајца НАТО војници од полскиот контингент и еден македонски цивил. Постапката ја води судијата Деана Груевска Илиевска.

Извор:Макфакс