Продолжува нехуманиот третман кон животните, а посебно кон кучињата и коњите(кобилите), но засега не се презема никакава организирана акција или контрола за да се реши оваа секојдневна слика низ улиците на Скопје.

Со пцовки и навреди не испратија двајцата мажи, кои со автомобил влечеа кобила, а по нив трчаше нејзиното ждребе. Ова е вообичаена, ако не и секојдневна слика на велосипедската патека од страната на Гази Баба, во делот на индустриската зона на кејот на Вардар, кадешто во близина на пешачкиот мост има дива населба на Роми, кои тука живеат во импровизирани бараки. Многу често, патеката ја користат за нивните автомобили, поминуваат со голема брзина, а многупати не само коњите, туку и кучињата ги влечат заврзани за возилото.

Двете страни на мостот се диво населени, а не ретко некои од помладите жители на оваа населба, ги малтретираат минувачите по велосипедската и пешачката патека, во делот на општината Аеродром. Од повеќе сведоштва на револтирани граѓани, но и од лично искуство, може да се прераскаже за нивното недозволиво однесување, како на пример, плукање, гаѓање со предмети, па дури и уринирање врз минувачите.

Во минатото, јавноста сведочеше за повеќе случаи на малтретирани коњи низ улиците на Скопје, а имаше неколку случаи кога тие колабираа сред улица, заради истоштеност и изгладнетост.

Но, освен реакциите и преземените акции од страна на активистите на Анима Мунди, нема друга институционална реакција за овие немили настани.

АКО.мк