Кога не сте милениче, ќе се борите како џудо клубот МИОКИ

Џудо клубот МИОКИ имаше свој претставник на Олимписките игри во Рио годинава, учествуваше Катерина Николоска-до 63 кг, што воедно беше и прв историски настап на џудист од Македонија на Олимписки игри.

Но, и покрај успесите, како и поголемиот дел од спортските клубови од ‘’помалите спортови’’ така и ЏК Миоки се соочува со големи тешкотии во однос на финансирањето.

Тренажниот процес и поголемиот дел од натпреварите се реализираат со големи тешкотии без генерално спонзорство и најчесто доколу постои некакво спонзорство тоа е еднократно и непостојано со што не е можно да се направи сериозен годишен план на натпревари особено за ‘’елитните џудисти’’. Учеството на добар дел од натпреварите се реализира со помош на членовите во клубот било тоа да се носители на некаква функција или родители на самите натпреварувачи.

ЏК Миоки е прв на бодовната листа на ЏФМ и најуспешниот клуб во Македонија во изминатите 9 години, освојувач на сите можни 6 титули на државните првенства на Македонија за 2011 и 2014, како и најтрофеен клуб во 2012 , 2013, 2014, 2015 и 2016 година.

Во изминатите 2 години освоени се преку 250 медали од Меѓународните натпревари и вкупно 9 медали од Балканските првенства.

Џудо Клубот Миоки е основан во 2001 год. по иницијатива на некогашните истакнати џудисти Лега Миодраг- МИО и Одисеј Албановски – ОКИ(името е кованица МИОКИ).

Претседател на клубот е Филип Иванов, а главен тренер м-р Игор Паскоски носител на 4 ДАН мајсторски појас.

Проф. Одисеј Албановски-(1 ДАН) за порталот АКО, вели вели дека иако ЏК Миоки е најуспешен џудо клуб во државата со години наназад, нема свој претставник во ниту еден сегмент во структурата на ЏФМ и нема никакво влијание врз креирање на стратегијата на работата на ЏФМ , напротив со години се соочува со опструкции о страна на ЏФМ.

Единствена причина за таквото однесување на федерацијата е успехот на клубот кој очигледно е трн во око на дел од луѓето кои ја креираат политиката во ЏФМ-вели Албановски.

АКО:-Каква е моменталната ситуација во Џудо федерацијата на Македонија?

Албановски:-Во ЏФМ во моментов членуваат околу 23 џудо клубови од кои активно работат десетина! Голем дел од клубовите се користат само како гласачки инструменти. Дел од нив воопшто не одржуваат тренинзи, а се појавуваат само кога има собрание. Во добар дел од клубовите нема соодветен стручен кадар (согласно законот за спорт) за реализирање на тренажниот процес односно не постои тренажен процес, а тренинзите се чиста импровизација. Тренинзи одржуваат недоволно едуцирани луѓе без соодветна стручна подготовка и без соодветен степен на познавање на овој спорт. Во ЏФМ не постои тренерска комисија која ќе ги регулира квалификациите на тренерите и ќе издава лиценци за тренери! Иницијативата за формирање на тренерска комисија со години се игнорира од страна на ЏФМ.

AKO: -Каков е односот на ЏФМ кон вашиот клуб?

Албановски:-Во ЏФМ не постои стратегија за развој на џудо спортот и сите одлуки се носат крајно пристрасно и во интерес на 2-3 клубови кои се предводници на гласачката машинерија. Донациите од ИЏФ и ЕЏУ во татами (душеци за џудо) и кимона се распределуваат без критериуми и исклучиво за одржување на гласачкото тело со чија помош со години опстојува една група на луѓе притоа не водејќи грижа за спортистите.

ЏФМ не води никаква сметка за државните репрезентативци како во однос на натпреварите така и во однос на нивниот тренажнен процес. Со години наназад никој од ЏФМ не се обратил до клубот за да побара информација во врска со тренажниот процес и степенот на подготвеноста на државните репрезентативци.

AKO: – Дали имавте некаква поддршка пред настапот на Олимписките игри во Рио?

Албановски:-Македонија имаше историски настап во џудо на Олимписките Игри во Рио 2016 но ЏФМ не го поддржа тоа учество ниту е некаде спомнато дека Македонија имала свој претставник, напротив до последен момент од ЏФМ се обидуваа да го спречат учеството на Николоска на Олимписките Игри.

Во ЏФМ не се почитува Статутот и Правилниците, а дописите во врска со прекршувањата и неправилностите испратени од страна на ЏК Миоки се игнорираат.

Канцеларијата на ЏФМ работи крајно нетранспарентно и презентира самоволие. До клубовите се испраќаат селeктивни материјали, а поголемиот дел од информациите воопшто и не се доставуваат. Записници од седниците на Собрание наместо 3-7 дена од одржувањето се доставуваат по 7-12 месеци, а содржината на записникот најчесто не соодветствува со фактичката состојбаа.

Проблемите се натрупуваат, велат од џудо клубот Миоки, а решение нема ни на повидок. Клубовите кои вистински работат и го негуваат овој спорт се малубројни и немаат начин како да се изборат со ваквата ситуација. Апелираат-Агенцијата за спорт и млади и другите надлежни институции во државата сериозно да се зафатат со решавање на проблемите со малите клубови.

ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ ТУРНИР МИОКИ ОПЕН

На седмото издание на меѓународниот џудо куп Миоки Опен кој на 29.10.2016 се одржа во СЦ Јане Сандански настапија вкупно 513 натпреварувачи од 45 клубови претставувајќи 14 Држави.

Во прекрасна спортска атмосфера љубителите на овој спорт можеа да уживаат во одличните борби.
Џудистите на џудо клубот Миоки од Скопје освоија вкупно 36 медали од кои 6 златни, 11 сребрени и 19 бронзени со што ЏК Миоки беше прогласен за Севкупен победник на настанот.

Најуспешен натпреварувач беше Хамза Јашари од ЏК Миоки кој освои злато во конкуренција кадети до 60кг и злато во конкуренција сениори до 60кг.

На турнирот настапи и олимпијката Катерина Николоска која освои злато во категоријата до 63кг.

За него се говореше и говори низ Скопје, Македонија и секаде каде се разговара за добри борби и врвен професионализам. Секако, спортските новинари, како и секоја година го овековечија овој значаен џудо-турнир во Македонија. Забележителен беше коментарот за турнирот објавен во Македонски спорт од 03. 11. 2016 година во кој, меѓу другото се вели дека „… овогодинешното издание на овој турнир беше најмасовен и најквалитетен во Македонија“. Ваквите пораки на спортските новинари се од особена важност за нас, но и за другите џудо – клубови. Имено, после бројните позитивни пораки кои ги добивме, нам не ни преостанува ништо друго туку и натаму да работиме за уште поголеми успеси.

Финансирање на турнирот

Иако претставува еден од поголемите спортски настани кај индивидуалните спортови како и најголем и најмасовен џудо натпревар во Државата, организацијата на турнирот во однос на финансирањето за жал најмногу зависи од членовите на Организациониот одбор кои по пат на лични контакти се обидуваат да обезбедат финансии за успешна организација. Веќе 7 години по ред средствата кои се обезбедуваат се недоволни така што остатокот се покрива со лични донации на самите членови на Организациониот одбор.

За прв пат оваа година настанот беше помогнат од страна на Град Скопје иакосо симболичен износ, но со надеж дека веќе следната година помошта ќе биде поголема бидејќи навистина станува збор за голема спортска манифестација. Настанот беше под мониторинг на претставници од Град Скопје кои не ги криеа своите импресии од организацијата, бројот на учесници и квалитетот.

Секако, членовите на Џудо федерацијата на Македонија не најдоа за потребно да го посетат, да присуствуваат или само да го поздрават овој голем, пред се спортски, а пред се, џудо настан.