Кожуф зависи од референдумот за или против рудници на планината

Во општина Гевгелија  во 7 часот започна референдумското изјаснување на граѓаните на 37 избирачки места  по референдумското прашање дали се „за“ или „против“ отворање рудници за злато на планината Кожуф.

Референдумското изјаснување почна уште вчера кога гласаа затворениците, болните и старите и изнемоштени лица. Процесот се одвива беспрекорно без никакви проблеми-известуваат набљудувачите . Во гласачкиот список се запишани 19.459 граѓани со право на глас кои треба да се изјаснат во текот на денот, најдоцна до 19 часот, изјави за медиумите Гордана Поп-Кочева, претседател на ОИК Гевгелија.

За да биде успешен референдумот треба да излезат најмалку 50 отсто плус еден од запишаните граѓани во гласачкиот список . Првичните резултати ќе бидат познати по 20 часот.

Оваа форма на граѓанско изјаснување ретко се користи во Македонија и референдумот во Гевгелија потсетува дека граѓаните имаат и ваква опција.

Ќе дишеме воздух што ќе не убие. Ќе немаме ни капка чиста вода. Ќе немаме плодна земја. Ќе немаме сточарство. Ќе немаме туризам. Ќе имаме болни деца… Ова се само дел од пораките на граѓанското здружение Спас за нас кое ја подготвуваше кампањата против отворање на рудниците за злато и бакар на планината Кожуф.

 На седницата на 15 март Советот на општина Гевгелија донесе одлука за одржување референдум за барањето за експлоатација на земјиштето кај Коњско.  За првпат на овие седници советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ беа едногласни, сите се согласија дека граѓаните на општината мора да одлучат за тоа дали да се даде концесија на канадската компанија.

Три години канадската компанија имаше концесија за детални геолошки истражувања и сега одлучи да поднесе барање за концесија за експлоатација.

Канадската компанија „Невсан“, преку нејзината македонска компанија „Резервоар минералс“, има две концесии за такви испитувања – Коњско и Двориште, кај Бучим и сега бара концесија за екслоатација.

„Ако тука почне да се вади златото и бакарот, преку т.н. метода лужење, со цијанид, тогаш Гевгелија треба да ја избришеме од картата на Македонија. Тоа ќе значи смрт за градот, за општината и за пошироката околина. Ни се заканува огромна катастрофа“, беше пораката од камањата за референдумот.