Комеморација за поранешниот министер за внатрешни работи Томислав Чокревски

Денеска во Домот на АРМ во Скопје се одржа комеморација по повод смртта на поранешниот министер за внатрешни работи проф.д-р Томислав Чокревски, кој вчера почина во Скопје. На комеморацијата присуствуваа голем број колеги од Министерството за внатрешни работи, роднини, пријатели и соработници.

„Вчера, со огромна жал ја примивме веста за смртта на нашиот почитуван професор, колега, пријател и другар Томислав Чокревски. Во овие мигови на тага би сакал да го изразам моето сочуство до семејството Чокревски, и до сите пријатели, колеги и соработници. Денеска зборувам како министер за внатрешни работи кој му оддава почит на својот поранешен колега. Но, професорот Чокревски беше и мој професор. Бев од оние студенти кои имаа чест и задоволство да ги слушаат неговите предавања кои не беа лекции од книга, туку лекции од животот. Неговата улога во македонското општество е многу голема. Томислав Чокревски е еден од оние наши првенци чие што дело е особено значајно за развојот на демократијата и градењето на современата македонска држава“, рече министерот Спасовски.

Професионалната кариера на професорот Чокревски и во поглед на неговото образовно и научно делување, како долгогодишен професор на Правниот факултет во Скопје, но и како чинител во општествено-политичките текови придонесе да остави силен печат во сите промени и развој на социјалното, политичкото и општествено живеење во Република Македонија, истакна министерот Спасовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на сопругата на поранешниот министер Томислав Чокревски, Татјана Чокревска, и врачи плакета за особен придонес во афирмацијата на професионализмот во Министерството за внатрешни работи, што постхумно му се доделува на поранешниот министер за внатрешни работи Томислав Чокревски.

 

Томислав Чокревски беше министер за внатрешни работи од 23.02.1996 до 30.11.1998 година.

Toj денеска беше погребан на градските гробишта во Бутел.