Комерцијална, Стопанска и Силк Роуд банките поднесоа барање за стечајна постапка во Фени

Трите банки, најголеми доверители на кавадаречки Фени, Комерцијална банка, Стопанска банка и Силк Роуд банка, денеска доставија барање до надлежниот суд во Велес за отворање на стечајна постапка во Фени.

Банките побаруваат 40 милиони евра од компанијата за фероникел, а Фени должи уште 20 милиони евра на други помали доверители.

Првите луѓе на овие банки очекуваат брза стечајна постапка, со која ќе почне и реорганизацијата и преструктуирањето на Фени, што пак , според нив, ќе го отвори побргу патот за наоѓање добар инвеститор, кој би ги презел сите нивни побарувања, би ги задржал вработените во сегашниот број и би понудил реален инвестициски и работен план за излез од кризата во која се најде последните две години овој комбинат.

Од банките-доверители посочуваат дека Енекод, која патем објави дека е новиот сопственик на ФЕНИ, што пак е лажна информација, не ги исполни преземените обврски кон Фени Индустри  и кон вработените и се уште нема постигнато согласност со банките  за регулирање на обврските на Фени.

Се дознава дека последната плата која им беше исплатена во петокот на вработените, не е обврска преземена  од страна на Енекод,  туку тоа е направено со позајмица од други фирми.

Актуелен соптвеник на Фени Индустри се уште е  конзорциумот  „Кунико“, кој има фабрика за фероникел и во Косово .

Трите банки-доверители потенцираат дека стечајната постапка се покренува со цел продолжување на работата на Фени Индустри.

Еден од трите главни услови за идниот инвеститор е да ги задржи вработените , но доколку биде покрената стечајна постапка, како што се очекува,  тоа сепак ќе зависи од одлуката на судот   и понатаму од стечајниот управник.

Владата од своја страна очекува проблемот на „Фени“ да заврши позитивно како за вработените така и за компанијата, бидејќи овој индустриски капацитет е значаен за македонската економија. Од Владата потенцираат дека таа директно не учествува во овој процес, ниту пак ќе влијае на изборот на нов инвеститор, но во рамки на законските можности ќе даде максимална помош овој процес да успее.

Дополнително будно ќе следи како ќе тече процесот до неговото конечно решавање.

За „Фени“, покрај бугарската компанија „Енекод“ се заинтересирани уште две други компании кои се занимаваат со производство на фероникел, но ниту една од нив не е македонска компанија. Во оваа фаза од преговорите доверителите не сакаат да откријат за кои компании се работи.

Првите луѓе на трите банки денеска објавија дека без нивно знаење актуелните сопственици на Фени, „Кунико“,подолг период ги користеле средствата од производство и резервите за да ги покриваат тековните обврски и со тоа направиле злоупотреба на договорите.

Паралелно со процесот на преговарање за нов сопственик на Фени, надлежни институции, УЈП и Финансиска полиција, направија вонредна контрола во комбинатот притоа се утврдени бројни неправилности, меѓу другото, не е поднесена годишна завршна сметка, а некој тоа во претходната влада го премолчил и одобрил, за што ќе биде покрената соодветна истрага.

 

АКО.мк