Србинот Александар Обрадовиќ ќе биде нов директор на државната енергетска компанија ЕЛЕМ, објави АлсатМ . Според информациите на оваа телевизија, одлуката сè уште не е официјализирана .

Од Владата ниту потврдуваат, ниту демантираат, само велат дека е рано да се донесе одлука кој ќе биде наследник на Христијан Мицкоски. Според Алсат М, МВР веќе донело одлука да му дозволи да добие македонско државјавство, па сега се чека само одлука на Владата.

За името на контроверзниот Србин се врзани многубројни афери, заради што беше сменет лично од поранешниот Премиер на Србија, Александар Вучиќ. Во периодот од 2012 до 2016 година, Обрадовиќ бил директор на српското електростопанство „Електропривреда Србије“. Сменет е од позицијата по низата афери кои го следат неговото работење во оваа компанија. Како најголем грев му се препишува купувањето на два луксузни автомобили „Ауди“, со што не ги почитувал мерките за штедење на српската Влада. Вучиќ тогаш остро го критикуваше во јавноста својот сопартиец и рече дека е недозволиво додека тој и неговите блиски соработници се луксузираат, државното јавно претпријатие да пропаѓа. Му забележуваше дека неосновано ги зголемувал платите, додека државните ресурси се оставени да пропаѓаат.

Меѓу другите афери, во српските медиуми може да се прочита за нетранспарентно  доделување тендери на компании во кои претходно работел, а не ретко бил предмет на критика зради неговиот приватен живот. Српските медиуми се занимаваа и со неговиот луксузен стил на живот, а беше забележано дека носи скапи часовници и гардероба.

Српски Курир минатата година пишуваше дека Обрадовиќ сака да купува скапи работи, а на неговата рака беше фотографиран луксузен швајцарски часовник  од марката ,,Шопар“, кој чини 20.000 евра.

Македонската државна компанија ЕЛЕМ вработува околу 4.500 лица, а учествува со 98 отсто од домашното производство на струја во Македонија.

Ако.мк, Алсат М