Концерт на Македонската филхармонија со Мојца Злобко Вајгл

Македонската филхармонија вечерва во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Импресии“.

Како солист ќе настапи харфистката Мојца Злобко Вајгл од Словенија со изведба на Светите и профани танци од Клод Дебиси и Интродукција и алегро од Морис Равел.

Диригент на концертот е Борјан Цанев, добитник на македонското признание „Најдобар македонски изведувач во 2013 година“.

На концертот ќе бидат изведени и два танца од балетот „Естанција“ како и „Кармен свитата“ од Родион Шчедрин.

„Естанција“ е едно од делата сместени во врвот на творештвото на најзначајниот аргентински композитор и латиноамерикански музичар на 20 век Алберто Гинастера.