Костиќ Марковиќ: Мала сала за големи задоволства

 

Свечено отворање на „Малата концертна сала“ на „Македонска филхармонија“

(осврт на Бранка Костиќ-Марковиќ, долгогодишен музички уредник и новинар)

Авторката на овој текст веќе долго време со сила го потиснува музиколошкиот порив кој го носи во себе, а сè заради „хендикепот“ што веќе неколку години го има со недостигот на културен простор во македонските медиуми, низ кој би го канализирала истиот, а во последниве месеци и заради фактот што на грбот „носи“ една почесна, но одговорна функција поврзана со функционирањето на Македонската филхармонија. Сепак, таа смета дека професионалниот порив сепак не смее да се потиснува, особено што таа илјадапати досега докажала дека во овие 20 години професионална кариера, во различни контексти и под разни поволности и неповолности за нејзиното професионално “перо“, никогаш немала двоен аршин по прашање на мерењето на уметничкиот дострел на музичките репродуктивни и продуктивни музички уметници, односно во објективната оценка на крајниот уметнички производ. Затоа ќе си дозволи, вака неформално (иако социјалните мрежи останаа единствената новинарска оаза за изразување на независни и издржани ставови, но и редок медиумски канал каде протекува по некој, би рекла веќе ендемски осврт на она што се случува на македонската културна сцена) да даде едно видување кон ретко концертно случување и со тоа нема да дозволи истото да не остави ниту една медиумска трага во нашиот простор. Ако таа се воздржуваше да не ја изрази својата професионална радост од првиот и вториот концерт на Македонската филхармонија во новата концертна сезона („Новиот почеток“ со Дино Имери како солист и Борјан Цанев како диригент и „Симфонија на тажни песни“ со Ана Дурловски, солист и Емил Табаков, диригент), сега ќе си дозволи (зашто ја обезбеди таа плус ограда што пред себе имаше за опсервација странски ансамбл), и нема да ја крие својата фасцинираност од вчерашниот концерт на ансамблот Загрепски солисти (Zagrebački solisti) во новиот акустички амбиент на Mалата концертна сала на Македонската филхармонија.

Загрепските солисти ја започнале својата концетна дејност во 1953. година во рамките на тогашното Радио Загреб, под уметничко раководтсво на знаменитиот виолончелист Антонио Јанигро. До сега имаат снимено и публикувано повеќе од 70 дискографски изданија, а одржале над 3500 концерти на сите континенти, но што е поважно на престижни концертни подиуми како Концертгебау во Амстердам, Музикферајн во Виена, Берлинската филхармониска сала, лондонската Ројал фестивал хол, салата Чајковски во Москва, Опера хаус во Сиднеј, Театро реал во Мадрид и Театро колон во Буенос Аирес и многу други музички, но и акустички ценети простори. До сега настапувале со плеада врвни солисти како Хенрик Шеринг, Алфред Брендл, Пјер Фурније, Жан-Пјер Рампал, Катја Ричарели, Марио Брунело и други, а на репертоарот ја имаат лепезата од периоди, стилови и музички изрази од барокни дела, преку оние од класичниот и романтичарскиот опус, па сè до композициите на „модерните“ домашни и странски творци.

Вчеравечер овој компактен и изведбено „стегнат“ камерен ансамбл го водеше нивниот повеќегодишен концерт-мајстор, белграѓанецот Сретен Крстиќ, кој од 1980. година е и концерт-мајстор на Минхенската филхармонија. Тој во својот професионален животопис има вброено голем број на настапи низ целиот свет, како дел од симфониски и камерни ансамбли, но и респектибилен број на солистички настапи меѓу кои и со престижни оркестри под диригентски водства и на маестра од класата на Џејмс Ливајн, Зубин Мехта, Хорст Штајн, Вацлав Нојман и Димитриј Китаенко. После уметничкото раководење со неколку камерни состави, тој од 2012. станува концерт-мајстор на Загребските солисти, ансамбл со кој успева да сними и компакт-диск со музика од композиторот Борис Пападопуло за германската дискографска куќа Си-пи-оу (CPO) и за кој ќе добие извонредни критики и концертно претставување низ цела Германија.

Не можевме да останеме имуни на прекрасниот тон на неговата виолина создадена во 1760-та година од познатиот градител на виолини Николо Галјано, ни не би било во ред и доколку не ги забележиме и малите негативни последици од долгогодишната концертна кариера на Крстиќ која овојпат резултираше со предимензионирана комотност со мали недоследности во интерпретирањето на нотниот текст „видена“ во неговата тенденција за дополнителни китења на основните тонови и евидентните пренагласени глисандни врзувања на пасажните тонски низи. Таквиот однос на моменти не „носеше“ од класичниот концертен подиум во салонски амбиент, но за среќа не премногу и не предолго за да ја наруши неговата музичка и изведувачка брилијантност. Затоа, пак, целиот ансамбл под негово раководство делуваше сигурно, уметнички и интерпретациски „стокмено“, со вистинска мерка на воздржаност и сценска експресивност, сето тоа не дозволувајќи ни ниту мала можност за невнимание и дефокусирање од музичкото дејствие. Но, она што го прави овој ансабл за посебна почит е очигледната посветеност на секоја композиција, израз и стил и неговото длабоко разбирање и пренесување на главните поенти на композиторската замисла. Така, Моцарт беше Моцарт (преку изведбата на неговите „Дивертименто во D-dur, К136/125а“ и „Симфонијата кончертанте во Es-dur за виолина, виола и гудачки оркестар“ во аранжман на концерт-мајсторот Крстиќ, а изведена од ансамблот и Сретен Крстиќ и Хрвоје Филипс како солисти на виолина и виола), нашиот Шуплевски беше Шуплевски (со „Македонското капричо бр. 1 за гудачки ансамбл“), а Чајковски беше Чајковски (со експресивната „Серенада за гудачи во C-dur“), во сиот раскош и специфики на нивната посебна естетика.

Ова камерно семејство составено од извонредните Сретен Крстиќ, Крунослав Мариќ, Џана Кахриман, Мислав Павлин, Иван Новинц и Давор Филипс на виолини, Хрвоје Филипс, Марко Отмачич и Магда Скарамуца на виоли, Смиљан Мрчела и Златко Руцнер на виолончела и извонредниот бранител на ниските регистри, контрабасистот Марио Ивеља, покажаа како и покрај големата концертна “километража“ на секој од нив посебно, но и долгата традицијата на постоење како ансамбл, целосно се предава на сцената со жар и ентузијазам на почетник. Тоа го чувствуваа и тие, но и квалитетната публика која вчеравечер со ниту еден мал потег не го наруши вистинскиот концертен амбиент и континуираниот музички тек, кој беше прекинат само со една пауза доволна за музичко „телепортирање“ од одмерените, но игриви звуци на „дисциплинираниот“ западен класицизам кон топлиот тон на словенскиот мелос. Со вчерашниот концерт, Загребските солисти по којзнае кој пат „се издадоа“ дека се редок музички ансамбл на сите можни нивоа на камерното музицирање, а со тоа на најдобар начин ни го инаугурираа и рафинираниот звук на новиот македонски камерен простор, остварувајќи впечатлива изведба во целиот распон на своите динамички  вредности. Тоа беше вистинска концертно-акустичка проверка на малата убавица на новиот дом на Македонската филхармонија.

 

 

Бранка Костиќ Марковиќ за АКО.мк