Кој и како го продаваше ИЛИНДЕН?

 Пишува: Проф. д-р Катерина Тодороска

 

Дниве, никој друг, туку ДПМНЕ се дрзна уште еднаш да отвори втор дел од поглавјето наречено „Патриотизам“. Бесрамно. Патетично.

И додека до пред неколку месеци Македонија ја „бранеа“ од „клетите Шиптари“, денес ја бранат од Бугарите. И не дека нешто ме изненади „еуфоријата“ на овие од ДПМНЕ, туку ме порази поразителниот самопораз на Трајко Велјановски кој „загрижено“ ни раскажа дека во прашање е „македонското минато, држава….“. Бесрамно и патетично.

Како и секој свидетел на сериозни историски збиднувања, и плус историчар кој ги чува и најнепотребните ливченца како бесценети документи, не можам, а да не го излеам гневот што ме облева. Сушност тоа е стар текст, а денес толку актуелен. Времето кога го пишував и го објавив беше „невреме“ за сериозни истапи против груевизмот и неговите кичмовиткачи. Верувам, и Трајко со академикот и сите други кои го читале тогаш овој текст слатко се смееле со писанието на „онаа несоодветната“. Оти кој друг би се спротиставил на оркестрираното од ДПМНЕ „нечујно“ ПРОДАВАЊЕ на ИЛИНДЕН? Овој пат, повторно го објавувам текстот со мали додавања на некои „ливчиња“, а насловот со мало м во Македончето е одраз на мојот став кон тогашниот претседател на МАНУ.

 

 

 македончето од МАНУ

 

Приказната која сакам да ја раскажам е една од моите епизоди во својство на „несоодветна“ на еден настан и во една пригода, а приказната соодветствува со синдромот на Медеја кој не убива секојдневно и темелно. Тоа е синдром во кој не сакаме да се „опулиме“, а се однесува на патриотизам и предавство. Се однесува на нашата потреба оној другиот да биде „варварин“, а ние сме „добрите“. Татко ми кажуваше една убава руска приказна, која ја гледам по социјалните мрежи, а чија порака е „НЕ Е СЕ ТАКА КАКО ШТО ИЗГЛЕДА“.

Имено, дниве прочитав, па се воздржав од коментар, ама веќе не можам.

Замислете, професорот Владо Камбовски реагираше на последната одлука на Уставниот суд со која се отвора можност за помилување за изборни нерегуларности и рече дека: – „Одлуката на Уставниот суд да поведе постапка против забраната да се помилуваат сторители на изборен криминал е краен срам за правната професија во Македонија. Уставниот суд изврши државен удар. Ова е крај за државата“.

 

После славопојките на адреса на професорот, се прашував дали ова е истата личност која во својство на претседател на МАНУ изјави дека „… решавањето на политичката криза во земјата, …, е охрабрувачки исчекор „но потребна е реализација“ (rešavanje političke krize u zemlji, kako je ocenio predsednik MANU, Vlado Kambovski, jeste ohrabrujući iskorak, “ali potrebna je realizacija”. Вечерње Новости-Sep 7, 2015). И ништо повеќе од реализацијата, неа ја остави на помалку битните во државата. Та, нема претседател на МАНУ да се занимава со приземни работи. Ама, претседателствувањето заврши и денес МАНУ има друг претседател, а Камбовски е слободен експерт кој има право да проговори. И социјалните мрежи се вжештија од „среќа“ што Камбовски зборнал и кажал. Што? Тоа што грото од народот сака во моментов да го чуе. Но, истиот господин не беше пред Уставниот суд во Скопје како сите ние во два наврата. Изговор секако ќе се најде.

Но, ова не е писание за Камбовски, туку има друга цел.

Изворно и документирано да го образложам својот став по однос на одредувањето на патриотизмот, македонштината, предавниците итн. итн. Се разбира, сето тоа преку документација.

Имено, на 24 и 25 јули 2015 година бевме поканети на меѓународна конференција која ја организираше МАНУ во соработка со Бугарската академија на науките (БАН). Темата на конференцијата беше „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни“. Учествувавме 6 македонски и 6 бугарски историчари. На почетокот бевме поздравени од Камбовски, во својство на претседател на МАНУ, а потоа и од Воденичаров, во својство на претседател на БАН. На општо изненадување, Воденичаров воскликна дека е многу среќен што македонски и бугарски историчари, Ману и БАН денес заедно го слават „Илинденско-преображенското востание“. Секако, на ваквата негова „среќа“ следуваше моето потсетување дека ниту сме се собрале заедно да чествуваме Илинден, ниту пак од МАНУ нам ни беа кажале дека повод за овој собир е таквата несмасно подметната „среќа“. Воденичаров заминуваше од салата на секое мое говорење, видно незадоволен од тоа што продажбата на ИЛИНДЕН не успеа.

Имавме навистина мачни 10-часовни разговори по прашања кои ја тангираа македонската историја. Секако, за „омекнување“ на состојбата се јави гостинот на настанот проф. д-р Драги Ѓоргиев, кој во својство на директор на Институт за национална историја ни објасни дека во периодот за кој зборуваме немало ниту Македонци ниту Бугари, туку само христијани и муслимани. Забележително, на сите вилиците ни паднаа, и Македонци и Бугари.

После конференцијата добивме порака од МАНУ која беше само препраќање на порака од БАН. Во неа стоеше дека треба да ги доставиме текстовите со кои сме настапиле за да ги објави БАН, а при тоа имаше и начин на кој треба да цитираме. После долгата преписка со МАНУ, (ќе ја објавам доколку има потреба), ја известив набрзина формираната македонска редакција и раководството на МАНУ (читај Камбовски), дека нема да го дадам текстот за објавување. Во оваа прилика го давам интегралниот текст на моето писмо со цел да не ги објаснувам одново моите дилеми во однос на таа средба со БАН.

 

„До

Македонската академија на науките и уметностите и до Членовите на редакцијата

на зборникот „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до

Балканските војни“

 

Во врска со дописите кои ги добив од координаторот Марија Антовска кои се однесуваа на доставување на текстовите со кои настапивме на научната конференција „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни“ во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките, ве информирам дека:

  1. На конференцијата по своја волја и без никаков финансиски надоместок настапив со трудот „Македонско-албанска 1878–1913“.
  2. Како учесник на конференцијата бев крајно непријатно изненадена од инсинуацијата на г-дин Воденичаров, кој во својство на Претседател на Бугарската академија на науките не поздрави со објаснувањето дека ние на 24 јули 2015 год. сме се собрале во Битола за заедно да ја чествуваме 112 годишнина од Илинденското востание. Поразителен беше и фактот што на ваквото подметнување од страна на претседателот на Бугарската академија не видовме реакција од претседателот на Македонската академија.
  3. Затоа пак, на официјалната WEB страница на МАНУ наидовме на нов поразителен факт. Под насловот НОВОСТИ И НАСТАНИ се појави и СОРАБОТКА МАНУ-БАН, а со кликањето на него ЈАВНОСТА ќе ја дочека ЛИНК за БАН. (Небаре во МАНУ нема кадарни да напишат за соработката МАНУ-Бан.) Фактот дека СЕ УШТЕ некој научната средба во Битола од 24 јули 2015 година ја „продава“ како заедничко чествување на Илинденско-преображенското востание од двете академии, без притоа да се реагира од Македонската академија, е крајно иритирачки.
  4. Според информациите на координаторот, ИЗДАВАЧ на зборник на трудови од конференција чиј организатор била и МАНУ, ќе биде САМО Бугарската академија. Вакво потценување на капацитетот на МАНУ и македонските историчари кои професионално застанаа зад идејата отворено да се говори за горливите историски теми, е недозволив за македонската историска наука. Нелогично нели?

Согласно тоа, писмено ве известувам дека трудот со кој настапив на научната конференција „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни“ во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките одржана во Битола од 24 јули 2015 година НЕМА да го доставам за објавување со дополнување дека на македонската историска наука НАЈМАЛКУ и треба понижување од сопствената највисока научна институција.

Кон овој допис приложувам:

  1. Копија од www.manu.edu.mk/news-events/sorabotka-manu-ban од 18.11.2015 год.
  2. Копија од www.bas.bg/научно сътрудничество-между-българската-… од 18.11.2015 год.

Со почит,

20.11.2015 год.                                                     Проф. д-р Катерина Тодороска

 

 

 

Како заеднички заклучок од КОНФЕРЕНЦИЈАТА произлезе еден текст, а на кој до денес никој во МАНУ не изреагира. Текстот во оригинал може да се прочита на спомнатите страни на БАН. Овде само кратко и оригинално:

„Заключения от научната конференция, която се проведе в Битоля (Р.Македония) на 24 и 25 юли 2015 г. на тема `Освободителните борби на Македония от Източната криза до Балканската война`

…………

  1. Установено беше, че широтата на откритите въпроси изисква научната комуникация между БАН и МАНУ в областта на историята, за да прерасне в непрекъсната дейност и да продължи със съвместно честване по същото време през следващата година в България.

Значи според ова, сто пати кажаната лага треба да стане вистина. БАН и МАНУ треба само да го продолжат заедничкото чествување следната година.

За жал, во МАНУ никој не кажа дека ваквите информации, најблаго речено се извртување на фактите. Но, се уште не се најде ниту човек кој ќе ги ажурира податоците во однос на соработката МАНУ-БАН со што македонската и СВЕТСКАТА јавност ќе знае дека во БИТОЛА НЕ СЕ ЧЕСТВУВАА 112 години од ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ.

И после ова, луцидно поигрување со нас како учесници на научна конференција на која јасно се исцртаа контурите на македончето од МАНУ, без задршка се појавува во улога на ДРЖАВО-спасител. Ве молам.

И ќе завршам како што почнав. Ова  мое видување е за разликата меѓу македончето од МАНУ и МАКЕДОНЕЦОТ кој не го продава ИЛИНДЕН. Она од што се плашам е дека првиот ќе „плука“, а вториот ќе биде „плукнат“ и за тоа што треба и за тоа што не треба.

Од почит кон Студентскиот пленум, ќе завршам со нивната девиза „НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР“  и со татковата „НЕ Е СЕ ТАКА КАКО ШТО ИЗГЛЕДА“.

 

Веднаш потоа, испратил и неколку белешки до Владата на РМ , ама и таму, истат смејурија. Која е оваа бре нам, на најумните и најарните да ни соли памет.

 

Се разбира, ЗБОРНИКОТ на трудови објавен од БАН е испечатен без мојот текст, ама со една сочна забелешка на Камбовски. Народот рекол: ТОПКАТА Е ОКРУГЛА, а дојде и времето да паднат МАСКИТЕ, господа евро-ПАТРИОТИ.

 

За Ако.мк