Коњец филма, да му се одземат привилегиите на Груевски!

 

Пишува:Емилија Лазаревска

Законот за бенифиции на поранешни премиери, со кој на Никола Груевски му се обезбеди 24 часовно обезбедување со 6 телохранители кои ќе ротираат, но и личен возач, беше донесен во јануари2013 по скратена постапка. Законот содржи само три члена, а едниот од нив го регулира ,,чувањето“ на Груевски толку години колку што бил Премиер. Овој скандалозен закон во стилот Господ кога делел брада прво си доделил себеси, едногласно беше подржан , само за неколку минути работа во Парламентот, од тогашните пратеници на парламентарното мнозинство предводено од ВМРО ДПМНЕ. Опозицијата предводена од СДСМ не беше присутна во салата за пленарни седници бидејќи ја бојкотираше работата на Парламентот, што беше искористено за носење дузина закони по скратена постапка.

Со него премиерот откако ќе ја напушти функцијата ќе има право да избере лица кои ќе го обезбедуваат, а сите останати привилегии ќе може да ги користи толку време колку што бил претседател на Владата на Република Македонија.
Обjaснувањето на предлагачите, како и на  Груевски тогаш беше дека таквата можност на избор на обезбедување на Премиерот му е потребна поради сериозната борба против корупцијата.
Законот којшто го предложија пратениците Илија Китановски и Александар Николовски,  предвидува откако Премиерот ќе ја напушти функцијата, да има право да избере лица кои ќе го обезбедуваат, а сите останати привилегии ќе може да ги користи толку време колку што бил претседател на Владата на Република Македонија.

Според овој закон, Груевски овие привилегии ќе може да ги користи точно 10 години, колку што беше Премиер, а  има право своите телохранители да ги користи секаде и во секое време. Тоа значи дека ако Груевски реши да оди во приватна посета во Австралија и таму сака да остане неколку месеци, со него може да си ги носи и бодигардите, кои се разбира ќе бидат платени од буџетот на РМ.

Според истиот закон, сега и Емил Димитриев има право да користи возач и 6 телохранители толку време колку што беше Премиер на техничката Влада.

Вакви или привилегии во уште поголем обем имаат само Претседатели на држави, исто како и кај нас. Бранко Црвенковски како поранешен Претседател на РМ има право на простории, свој кабинет, возач и телохранители, се разбира и пензија колку што му била платата кога бил Претседател. Црвенковски секако ги користи овие привилегии, но откако се пензионираше тој нема никаква општествена улога, што е всушност смислата на овие привилегии. Претседателите низ светот откако ќе заминат од своите функции имаат влијание и во општеството и во политиката преку говори, форуми, контакти со странски лобисти и слично, со што на некој начин ги оправдуваат привилегиите што ги добиле од државата.

Но, Бранко Црвенковски реши да молчи и е изолиран во јавноста, иако многумина очекуваат токму заради привилегиите што ги користи понекогаш да настапи јавно како поранешен Претседател кој може да одигра конструктивна улога со својот авторитет, доколку се уште го има.

Што се однесува до привилегиите кои Никола Груевски кои сам си ги додели,  надвор од сите правни и морални норми и логика, тој ги правдаше со неговата голема улога во борбата со корупцијата и криминалот и опасноста од одмазда кога некои луѓе  ќе излезат на слобода.

,,Предложените измени на Законот за Влада со кои се засилува обезбедувањето на Премиерот по истекот на мандатот е заради борбата против корупцијата и порака кон лицата вклучени во криминални и коруптивни процеси“-рече Никола Груевски во 2013 кога беше на врвот од својата моќ.

Наместо вообичаената законска можност, по престанок на функција да користи една година привилегии, како и повеќе функционери, па и пратениците со правото на апанажа, Груевски како поедноков од другите ги искористи своите пратеници да му донесат закон по негов мерак. Правилникот го преточија во Закон, а Груевски им се заблагодари на иницијативата, бидејќи тој, нели, вообичаено не знаел дека ете му подготвуваат такво изненадување:

– Тоа досега не било регулирано со закон. Јас во тој правец ја поздравувам нивната иницијатива и намера. Во минатото пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ борбата против криминалот и корупцијата не беа во врвот на приоритетите на владите и оттука разбириливо што воопшто и поранешните гарнитури не размислувале за периодот потоа, изјави Груевски, по посетата на две нови лаборатории на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 2013 година.

Сега, 4 години подоцна, кога Груевски се уште ја злоупотребува државата и се однесува како да е Премиер, иако е веќе опозиционер со сериозни обвинителни акти за неговата работа како Премиер, редно е овие пратеници да го изненадат, непријатно по него, и по скратена постапка да му ја избричат брадата што сам си ја додели иако знаел дека е Ќосе.

И никому веќе да не му текне вака да си поигрува со Република Македонија.

АКО.мк