Крахот открива дека најбогатата хрватска компанија,,Агрокор“ ги лажирала финансиските извештаи

Најбогатиот Хрват Ивица Тодориќ и неговата компанија, една од најголемите на Балканот ,,Агрокор“, се во центарот на вниманието во регионот заради банкротот и крахот што може да го предизвикаат на бројни компании со кои соработувале, како ,,Краш“, ,,Виндија“ и други, на кои им должат милионски суми.

Најновата информација доаѓа од руската банка ВТБ, од која Агрокор побарува 300 милиони евра кредит за подмирување на некои обврски. Потпретседателот на оваа банка Јуриј Соловјев изјави дека лично сопственикот на компанијата Ивица Тодориќ ги лажирал финансиските резултати.

Според хрватските медиуми, банката ќе го одобри овој краткорочен кредит, бидејќи како гарант се појавува хрватската Влада, а со нејзин преставник и со доверителите ќе се потпише т.н. стендстил аранжман со кој се замрзнуваат сите обврски на компанијата Агрокор. Исто така се очекуваат промени и во сопственичката структура, а како преземач на управувачкиот пакет акции се спомнува српскиот бизнисмен Мишковиќ и неговата Делта холдинг.

Имено, тоа го бара руската банка, сопственик со меѓународна репурација на кој може да му веруваат, како што изјавил потпретседателот на оваа банка.

Хрватски ,,Агрокор“ е пред банкрот. На добавувачите им должи неколку милијарди евра, а како сопственик се јавува на бројни фирми во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска, на кои им се заканува затворање. Се стравува дека без работа може да останата повеќе од 7.000 луѓе.