Кривична пријава за директорот со лажна диплома заради незаконски бркања од работа

Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитни друштва (СУТКОЗ) најави дека ќе поднесе кривична пријава против актуелниот директор на ,,Водовод и канализација“ Александар Атанасов кој на тоа место е примен со лажна диплома, а незаконски отпушта и деградира работници кои партиски не му одговараат.

Синдикатот ја оспорува  неговата диплома и бара градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски  да го разреши од функцијата генерален директор на јавното претпријатие.

Атанасов само врз основа на еден даден исказ избркал од работа 10 работници со долгогодишно искуство.

Човекот кој со лажна диплома станал директор на Јавно претпријатие во последните две години откако е на функцијата  деградирал повеќе од 700 работници и избришал голем број од работните позиции.

– Голем број кадри со високо образование се преместени на позиции каде што е потребно средно образование, а веќе не постои и позицијата контролор – велат од овој синдикат.

Од СУТКОЗ тврдат и дека Атанасов е избран на функцијата незаконски  без признаена странска диплома и бараат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја преиспита одлуката и да го разреши од функцијата на која тој е веќе две години.

– Неговата диплома за завршен колеџ во Грција не е призната, за што бил известен од Министерството за образование, но тој тоа не го посочил при поднесувањето документи на конкурсот за директор на Водовод. Дополнително сѐ уште не му е признато ниту средното образование кое го завршил во САД, што значи дека е избран на незаконски начин и сите одлуки кои ги носи се незаконски и невалидни, па и онаа каде што стави потпис на кредитот за изградба на зградата – обвинија од СУТКОЗ .

Даут Салиу еден од отпуштените инкасатори во ЈП „Водовод и канализација“ кои се пред крај на судскиот процес , на прес конференцијата посочи дека во претпријатието владее хаос,  на сите раководни функции се поставени нестручни кадри и дека заради нестручно и незаконско раководење, претпријатието може да доживее тешка хаварија која ќе ги погоди сите жители на Скопје.