Кривична пријава за Марјан Ристески за лажни податоци во завршни сметки на општина Прилеп

Врз база на наодите во ревизорскиот извештај, до ПС Прилеп и ОЈО Прилеп,ОО на СДСМ поднесе кривична пријава против Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Имено, ревизорот увидел дека недостасува евиденција за околу 90 милиони денари кои што општината ги пријавила во вкупните побарувања во текот на 2015 година. Тоа значи дека се давани лажни податоци во завршните сметки!

Од благајната се подигнувале пари за патни и дневни трошоци, без евиденција кој износ за што се подига, за кои потреби и за кое лице.

Само во 2015 година е набавено гориво за службените возила во вредност од околу 2 милиони 800 илјади денари, а не се изготвувале налози за патување и не се евидентирале возилата во кои се става горивото.

Без да се усвои годишна програма и план за распределба на средства за здруженија и фондации, во текот на 2015 година градоначалникот префрлил околу 7.5 милиони денари на повеќе здруженија.

Во текот на 2015 година набавена е нафта за греење во вредност од околу 1 милион и 500 илјади денари, без евиденција за прием на горивото, на залихата што останувала и без попис на крајот од годината.

За скулптурата на „Крали Марко“ чија проценета вредност е околу 4 милиони денари, градоначалникот платил дупло, односно околу 8 милиони денари.

За превоз на ученици до училиштата, градоначалникот исплатил околу 37.5 милиони денари, без да спроведе постапка за јавни набавки.

Според ОО на СДСМ, ва се само дел од основаните сомненија дека градоначалникот Ристески ја злоупотребил службената положба и причинил огромна штета на буџетот и на граѓаните на општина Прилеп.

Очекуваат, органите на државата итно да спроведат постапка за откривање на ова кривично дело, да спречат негово повторување и влијание на сведоците, како и прикривање на доказите.