Кривични пријави за неколку кривопаланчани за ,,пустошење шума“

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Р.М. (44), Т.Т. (66) и Б.К. (60), сите од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење шума“, казниво по член 226 став 3 од Кривичниот законик законик на Република Македонија.
Пријавените, од сопствен имот заведен во имотен лист за катастарска општина Борово, постапиле спротивно на Одобренијата за сеча на дрво и дрвни сортименти издадени во 2015 година од ДПШТУ „ШУМАР МСИ“ од Крива Паланка и ЈП „Македонски Шуми“ – ПШС „ОСОГОВО“ Крива Палaнка и извршиле бесправна сеча на вкупно 135,25 кубни метри дрво и дрвни сортименти.  На тој начин пријавените се стекнале со противправна имотна корист во висина од 946.750 денари, сметано според Правилникот за висината на цените за штети во шума од 07.06.2010 година.
Секторот за внатрешни работи Куманово, исто така, поднесе кривична пријава против Б.К. (38) и З.А. (58), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено едно продолжено кривично дело „пустошење шума“, казниво по член 226 став 1, во врска со член 45 од Кривичниот законик на Република Македонија и против С.М. (59) – вработен во ЈП „Македонски Шуми“-ПШС „Куманово“  на работно место чувар на шуми, поради постоење основи на сомнение за сторено едно продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 2, во врска сочлен 45 од Кривичниот законик на Република Македонија. Во текот на 2016 година, Б.К. и З.А. постапиле спротивно на Одобренијата сеча издадени во 2016 година од ЈП „Македонски Шуми“- ПШС „Куманово“ и од катастарска парцела за катастарска општина Цветишница, сопственост на З.А. и бесправно исекле 140,40 кубни метри дрво и дрвни сортименти. При сечата, пријавените  уништиле уште 41 садница од видот бел габер постари од пет години со што се стекнале со противправна имотна корист од 982.800 денари, сметано според Правилникот за висината на цените за штети во шума од 07.06.2010 година.
За полесен пристап до катастарската парцела, каде што вршеле сеча на дрво и дрвни сортименти, Б.К. ангажирал работна машина багер и спротивно од одребите на член 74 од Законот за шумите, изградил пристапен пат низ други катастарски парцели, со кој зафатил повеќе од 1000 метри квадратни простор и искорнал 11 млади садници од шумскиот вид бука, а извадил и 23 стебла букова шума во количина од 51,1 3 кубни метри.  На тој начин на сопствениците на имотите им нанел штета во висина од 357.910 денари, сметано според Правилникот за висината на цените за штети во шума од 07.06.2010 година.
С.М., вработен како чувар во ЈП „Македонски Шуми“ – ПШС „Куманово“, во четири наврати во 2016 година извршил контрола на реонот и забележал дека од страна на Б.К. и З.А. се врши бесправна сеча и копачење на дрво и дрвни сортименти. Тој не извршил пребројување на бесправно исечените и ископачени стебла и истите не ги евидентирал во книгата, не извршил означување на направената шумска штета со втиснување на жиг, ниту пак случајот го пријавил на друг надлежен орган, туку само општо и произволно запишал во шумочуварскиот дневник дека забележал бесправна сеча. На тој начин С.М. ја злоупотребил службената положба и овластување.