Лав: Не го саботираме Хамилтон

Техничкиот директор на Мерцедес, Педи Лав, ги отфрли наводите дека моторот во болидот на Луис Хамилтон во трката за Големата награда за Малезија, минатиот викенд, откажал поради направена саботажа.

Хамилтон во минатонеделната трка се откажа во 41 круг затоа што му експлодира моторот. До тогаш тој имаше предност од цели 20 секунди од второпласираниот. Британецот после трката изјави дека во случајот има нешто многу повеќе од лоша среќа.

„Некој не сака да ја освојам шампионската титула оваа година, но јас не се откажувам“, изјави трикратниот освојувач на шампионатот на Формула 1, Луис Хамилтон.

До крајот на шампионатот има уште пет трки, а Хамилтон има негатива од 23 бодови во однос на првопласираниот, неговиот клубски колега Нико Розберг.

Лав призна дека екипата го изневерила Хамилтон, но дека наводите за саботажа се сосем погрешни.
„Не можам да се сложам со вашата констатација дека Хамилтон кога било споменал дека се работи за саботажа. Тој е многу јасен во разговорот со нас дека такво нешто нема“, им рече Лав на новинарите на патеката Сузука, каде што во недела од 7 часот ќе се вози трката за Големата награда на Јапонија.

Розберг во последните две години во трките во Јапонија завршуваше зад Хамилтон, а денес на двата тренинга имаше најдобро време. Тој до сега не освоил ниту една шампионска титула во Формула 1.