Лажниот советник на Трамп, ѕвезда во провладините медиуми

„Господинот Трамп е запознаен со работата на господинот Груевски и му ја дава неговата целосна поддршка за сето она што тој го прави за македонскиот народ. Очекуваме да го добие повторно мандатот од народот на претстојните избори во декември, бидејќи сметаме дека Никола Груевски ќе продолжи со истата ангажираност што досега ја правеше за подобар економски развој и за безбедноста на државата“, е изјавата на свештеникот Марк Барнс (Mark Burns) дадена за емисија „Гласот на народот“, а која ударно се пренесува два дена на провладините телевизии, дури и на државната новинска агенција МИА.

Барнс, кој тврди дека Доналд Трамп е запознаен со работата на Груевски и му дава целосна поддршка, во САД беше разоткриен како измамник уште пред два месеца.

Виктор Блеквер новинар на CNN, уште пред два месеца го интервјуираше Марк Барнс, еден од промотерите на кампањата на Трамп, но при неговото инсистирање да каже пред целата американска јавност дали и зошто ги измислил податоците во неговата биографија, Барнс избегнуваше да одговори конкретно, но призна дека не дал целосно точни податоци.

Сепак, тој првин се обидел да ја продолжи лагата, па го убедувал Блеквер дека некој му ги хакирал податоците, но новинарот останал упорен и му докажал дека тој лаже. Лажниот советник се обидел уште еднаш да измами, убедувајќи ја американската јавност дека намерно изменил некои податоци од неговата биографија, за да можат луѓето да го разберат и слично.

Барнс во својата лажна биографија објавена на сајт на црквата  на која и служи, напишал дека има високо образование и дека служел во некој корпус на американската војска, што не е точно.

Она што е единствено точно во неговата приказна е дека беше еден од главните аниматори и најавувачи на митинзите на Доналд Трамп.

 

„Си-

 

Инаку во истото интервју што го пренесуваат провладините медиуми, Барнс тврди дека наводно Трамп гарантира дека  нема да се дозволи промена на името на Македонија.
Лажниот советник на Доналд Трамп Марк Барнс, овојпат и послужи на пропагандната машинерија на една политичка партија во Македонија, преку своите медиумски трабанти да ја манипулира македонската јавност дека Груевски веќе ја добил поддршката од идниот американски претседател Доналд Трамп и дека тој очекува ВМРО ДПМНЕ повторно да победи на изборите.

Пред да се одржат претседателските избори во Америка, платените лобисти  не успееа да му обезбедат средба на Груевски со Хилари Клинтон.

 

Е.Л.